Во иднина сите инсталации на територијата на Охрид кои подлежат на Б интегрирана еколошка дозвола, ќе бидат строго контролирани од еколошката инспекција. Таа ќе го надгледува спроведувањето на оперативниот план со кој ќе бидат задолжени иинсталациите при издавањето на дозволата, а кој има за цел намалување на емисиите на штетни материи во сите медиуми на животната средина.


Јавната расправа по првата објава на барање за добивање еколошка Б дозвола се одржа вчера во просториите на општина Охрид. Подносителите на барањето од фирмата „Еуротехника“ ги образложија насоките на решавање на еколошките проблеми кои ги произведува оваа инсталација, кои во  најголем дел се однесуваат на вибрации и бучава.


Свои забелешки на работењето на инсталацијата искажаа претставниците на ЕД „Грашница“ и локалното население кое живее во непосредна близина на инсталацијата. Екологистите предложија формирање на зелен појас околу инсталацијата за ублажување на ефектите врз животната средина. Граѓаните се пожалија на изложеност на вибрации и бучавост и побараа што поскоро решавање на проблемот.


Заеднички беше заклучено дека во понатамошната постапка на издавањето на дозволата, во преговорите помеѓу инсталацијхата и регулаторниот орган, односно општина Охрид, инсталацијата ќе биде задолжена со низа мерки и активности кои ќе мора да ги преземе во определен рок, а најдоцна до 2014 година. Со овие мерки треба да се намалат штетните ефекти врз животната средина, а за цело време инсталацијата ќе биде контролирана од еколошката инспекција дали ги запазува роковите и дали ги презема соодветните активности на кои се обврзала.

Ohridnews