Се соочуваме со силен бран на Ковид-19, ситуација која ги оптоварува сите сегменти на здравствениот систем, истакна министерот за здравство Венко Филипче на заедничката прес-конференција со претседателот на Комисијата за заразни болести, Жарко Караџовски.

Во модуларната болница до Инфективната клиника има слободни кревети. Направивме план за обезбедување дополнителни болнички капацитети, прво болницта во Козле, каде има 40 кревети, каде има кадар засилен со колеги од Инфективната клиника. Уште две одделенија се подготвуваат во ГОБ „8 Септември“ со кадарот кој работи таму, а до крајот на денот треба тој план да го заокружиме за да биде подготвен и тој дел. Исполнети се болничките инфективни одделенија во другите градови. – рече Филипче.

Министерот додаде  дека на денешната седница на Владата е ставена информација со која ќе се овласти Министерството за здравство да го потпише и посебниот договор преку заедничкиот рамковен договор со ЕУ за набавка на лекот „Ремдесивир“ и освен преку СЗО тој од следниот период ќе биде достапен и преку оваа набавка. За многу кратко време, посочи Филипче, очекуваме по потпишување на договорот да стигне во земјава.

Се обезбедија дополнителни капацитети и број на тестови во повеќе институции. Граѓаните мора да покажат поголема свесност и да ги почитуваат мерките. Изутрината имавме состанок со Комисијата за заразни болести, а после тоа и со Штабот. Во среда закажавме состанок со сите 56 прватни интернисти во државата, кои имаат договор со Фондот, од кои половината се во Скопје, за да може да се вклучат во системот на дежурства во сите болници каде се лекуваат заболените од Ковид-19. – кажа Филипче.

Над 85 проценти од починатите од Ковид-19 биле со коморбидитети

Огромен процент од пациентите со Ковид-19 се со коморбидитети, односно со тешка форма на некоја друга хронична болест од која биле лекувани навистина долго време, посочи министерот за здравство, додадавајќи дека дури над 85 проценти од починатите се пациенти кои имаат коморбидитети.

Сериозен процент на пациентите доаѓаат доцна во болницата со веќе многу тешка манифестација на болеста, предочи Филипче.

Се заврши анализата, дел од податоците беа соопштени и од Инфективната клиника, огромен процент од пациентите се со коморбидитети, значи тешка форма на некоја друга хронична болест од која биле лекувани навистина долго време. Понатаму еден сериозен процент на пациенти кои навистина доцна доаѓаат во болница со веќе многу тешка манифестација на болеста, и тоа е тренд што не прати од почетокот, рече Филипче на денешната прес-конференција.

Дополнувањата на Законот за заштита на населението од заразни болести утре пред пратениците

Денеска е потврдено дека измените и дополнувањата на Законот за заштита на населението од заразни болести ќе се најдат на дневен ред на 19. собраниска седница закажана за утре.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ го повторуваат ставот дека ќе присуствуваат на седницата, но оти ќе гласаат воздржани за измените и дополнувањата на Законот за заштита на населението од заразни болести. Пратеничката група на СДСМ на утрешната седница, според најавите, ќе биде комплетна бидејќи се очекува во Скопје да дојде и пратеникот од Охрид Лазе Танески, кој беше во изолација од Ковид -19.

Нема информации дали и пратеникот на ДУИ кој исто така имаше коронавирус ќе биде на седницата, но од Собранието посочуваат дека и да не дојдат на седница, нема да има проблем за одлучување.

Верувам дека утре Законот ќе се донесе во Парламентот, се со цел да избегнеме полициски час. И тоа се мерки кои практично имитираат полициски час. По 23 часот ништо нема да работи и граѓаните нема кај да одат. Сега и времето не е убаво, па би требало сите да седат дома, вели Филипче.

Тој апелира да се излегува само ако навистина некој има потреба.

Целта е да се избегне групирањето. Целата е да се носат маски. Сметам дека во овој период полициски час не е решение. Доволно е да се почитуваат мерките за заштита и оние мерки кои утре ќе бидат изгласани во Парламентот. Генерално препораката е да се избегнува воведување на полициски час. И на состанокот кој го имавме преку Берлинскиот процес со сите земји во регионот, беше порачано да нема такво ограничување. А пакет на мерки кои можат да имитираат полициски час, се речиси секаде во сила, нагласи Филипче.

OhridNews