Интензивно се подготува сцената на Античкиот театар во Охрид, каде во недела, 12-ти јули, свечено ќе биде отворено јубилејното 55-то издание на фестивалот „Охридско лето“, со изведба на музичкиот спектакл „Кармина Бурана“од германскиот композитор Карл Орф во реализација на продукциската куќа “Ла Фура Делс Баус“ од Шпанија заедно со оркестарот на Македонската филхармонија и оркестарот, балетот и хорот на Македонската опера и балет.
–Направени се и финалните подготовки пред почетокот на јубилејното 55-то Охридско лето. Пристигнаа сите уметници и членови од екипата на продуциската куќа „Ла Фура Делс Баус“ Заедно со раководителот на техничкиот дел, Замира Паскери ги дефиниравме и последните активности за непречена реализација на настанот кој со огромна возбуда го очекуваме. Постојано сме сконцентрирани на техничката поставеност бидејќи како никогаш до сега сцената ќе биде визуелно уникатна со многу движења. – изјави Елизабета Јанкуловска директор НУ „Охридско лето“.
На сцената која со средства на локалната самоуправа годинава доби нов лик и идеално рамна површина, се поставува скапата опрема која треба да го долови впечатокот на големото шоу кое ќе биде исполнето со визуелни ефекти. На сцената ќе биде поставен огромен сад со вода, а со специјални ефекти во еден момент публиката ќе има впечаток дека луѓето лебдат.
Сцената ќе ја опкружува цилиндар со дијаметар од десет метри, каде ќе се менуваат слики на гигантска месечина, топење, водопади, а ќе има и гроздобер во живо. За визуелните ефекти ќе се инсталира најсовремена видео, светлосна и аудио опрема, а звукот ќе биде со јачина од 10 000 вати, ќе бидат поставени големи лед екрани, ротирачки светла, а артистите ќе бидат озвучени.
Барањата на уметниците се големи, а фестивалскиот тим интензивно работи да одговори на задачата.
–Уметниците бараат постојано средување и чистење на гардеробите, машнина за шиење за корекција на костими, соблекувална со огледало и светло, соодветни гардеробери и пресоблекувални за солистите и хористите.– информират од фестивалот.
Овој грандиозен мултимедијален проект на продукциската куќа “Ла Фура Делс Баус“, во ваква форма за прв пат ќе се биде поставен не само во Република Македонија, туку и во поширокиот регионот. Спектаклот ќе биде надополнет со настап на на тројца врвни оперски уметници – шпанската сопранистка Беатриз Дијаз, шпанскиот баритон Хозе Мануел Дијаз и рускиот контратенор Васили Корошев, како и шпанската актерка Лука Еспиноза. Диригент е Џозеп Вицент исто така од Шпанија.
Г.М.