Во македонската Стратегија за развој на туризмот се идентификувани 27 манастири кои нудат можности за развој на манастирски туризам. За развој на тој вид туризам Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот подготвува проект, кој е во завршна фаза. Целта на проектот е да се приберат податоци, да се евидентираат и поврзат манастирите во Македонија, кои имаат и нудат услуги за сместување.
Проектот вклучува изработка на веб страна со електронски водич за верскиот и манастирскиот туризам и изработка на печатен промотивен материјал. Со тоа, според директорот на Агенцијата за развој и поддршка на туризмот Кристијан Џамбазовски, ќе се добие уште еден комплетен туристички производ, што ќе значи опфаќање нов пазарен сегмент и повеќе туристи.
Глобалните трендови на туристичкиот пазар укажуваат на промена на преференциите на туристите што отвора можност за развој на нови сегменти на туристичката понуда. Според Светската туристичка организација, секоја година околу 330 милиони туристи посетуваат религиозни места или објекти во светот.
Република Македонија, посочува Џамбазовски, може да го понуди манастирскиот туризам од причини што на нејзина територија има 4.300 археолошки локалитети, 1.000 цркви и манастири, 230 објекти од отоманската архитектура и 43 кули и бедеми. Историски погледнато, манастирскиот туризам во нашата земја има долга традиција и постојат извори во кои се наведува сместувањето на патници и гостопримството на манастирите во минатото.
Според Џамбазовски, потенцијалот за манастирско сместување е голем, но, не секогаш е препознаен како таков.
Во Република Македонија постојат приближно 155 сочувани манастири од кои поголемиот број се од локален карактер, како и 99 кои се урнати или полуурнати. Меѓутоа, нагласува директорот на Агенцијата за развој на туризмот, голем е бројот на манастирите кои се од особен интерес за проектот и кои имаат регионално, национално, а некои од нив и интернационално значење.
– Издвојуваме 16 манастири кои „задоволуваат барем по еден критериум” за стационарен облик во туристичкиот промет, односно имаат можност за прифаќање гости во своите конаци. Во манастирите посебно се значајни конаците кои даваат солидна гаранција за добро сместување и квалитетен престој. Тие располагаат со вкупно 148 соби во кои се наоѓаат 694 легла, вели Џамбазовски.
OhridNews
Извор: „МИА“