Во Министерството за здравство се подготвува правилник за премин на доктори од приватна во јавна установа. Ова ќе важи само за доктори специјалисти кои ќе бидат потребни во јавното здравство, информираше денеска на прес-конференција, министерот за здравство Арбен Таравари.

Има интерес од доктори кои работат во приватни здравствени установи, да се вратат во државните. Имаше забрана од Влада од јули или од август 2022 година, да не можат да се вработат – од приватна да поминат во јавните здравствени установи. Јас би сакал да информирам и официјално дека пред три недели го поминавме на Влада, да се тргне таа забрана и сега подготвуваме правилник во Министерството за здравство. Не може сите доктори, туку само докторите кои се специјалисти по одредена специјалност – медицина, фармацевти специјалисти и стоматолози специјалисти, но, само доколку директорот на Клиниката ни каже дека има потреба, појасни министерот.

Тој додаде дека тоа би требало да бидат кадри кои се докажани и кои во одреден период си заминале, а сега сакаат да се вратат во јавното здравство.

Само кај мене се јавени околу десет доктори кои се врвни стручњаци во нашата држава и кои полека почнуваме да ги враќаме и ќе се вратат. Ова е навистина добар чекор. Јас се надевам дека идната година повторно ќе продолжиме со вакви доктори кои изразуваат интерес да се вратат во јавното здравство, истакна Таравари на прес-конференцијата 100 дена Влада.

Вети дека ќе направи се во координација со Министерството за финансии барем на половина од средно медицинскиот кадар кој работи со договор да биде вработен во јавните здравствени установи.

Според него, во здравството до сега имало околу 2.500 договорци, генерално среден медицински кадар, медицински сестри, болничари и хигиеничари, за што рече, дека од посетите на болниците му било укажано дека има посебен недостаток.

Како Влада треба да се усогласиме со Министерството со финансии да видиме дали има ресурси. Јас сум со идеја барем на половина од овие, односно на 1.250  да им дадеме решенија. Директорите ќе кажат на кои, тие најдобро знаат кој вреди да продолжи и кој не е добро да продолжи, туку треба да најдеме подобар од него. Ми треба дефинитивна координација со министерката за финансии, ќе направам се што можам барем на половина да им дадеме решение и да можеме повторно да примиме нови договорци и недостатокот да го покриеме, изјави Таравари, одговарајќи на новинарски прашања на прес конференцијата по повод 100 дена од новата Влада.

Проблемот со договорците, нагласи, не е проблем во една клинина или една болница туку генерално во сите јавни здравствени установи во државата.

Во однос на тоа на што најмногу се жалат граѓаните, Таравари рече дека околу 60 до 70 отсто од граѓаните се задоволни од докторите кои работат во јавните здравствени установи.

Но, новинарите не прават вести со тие пациенти кои се задоволни. Околу 20 до 30 проценти од пациентите кои не се задоволни, имаат разни забелешки, некои оправдани, некои неоправдани. Здравствениот систем постои за пациентите и тие се центарот во орбитата на здравствениот систем. Секако и докторите и другиот медицински персонал се многу битни. Ние треба да ги мотивираме и здравствените работници, не секогаш да кажуваме лошо за нив, туку некогаш и да ги пофалиме. Има одредени забелешки што држат и се обидуваме во разговор со колегите тоа да го амортизираме и да не се повторува. Ако се повторува од ист колега повеќепати, повеќе пациенти да се жалат, тогаш ќе преземеме мерки што може да ги преземе Министерството за здравство, рече Таравари.

OhridNews