Денес е 17 октомври 2010 година. Сосема обичен ден и без многу асоцијации ниту на минатото, ниту на сегашноста. Можеби,… на иднината, доколку денешниов ден значи цврста одлука и обединување  до заедничка борба за подобар живот на работниците, на просветарите, на делегатите  и членовите на СОНК!

Морам да признам една работа: досега не се сеќавам да се одржал некој настан од државно или регионално значење, или некое новокомпонирано востание, а  да не било најавувано со месеци или барем со недели претходно! И во тие најави учествувале јавно пред граѓаните оние кои се носители , лидери  или организатори….

Верувале, или не, до денес ,никаде не сретнав, ниту чув од некое јавно гласило  ( секоја чест на охридските елктронски медиуми) дека денес некаде ќе се одржува Конгрес на синдикатот на СОНК, чиј лидер Дојчин Цветаноски беше своевремено, “страв и трепет” за досегашните влади и работодавци ширум Нашава Македонија.

Е, токму денес, скапи мои пријатели, ќе се одржи Петтиот Конгрес на СОНК , синдикат кој брои близу 40 000 (четириесет илјади!) членови, вработени во просветата и во културата во република Македонија. На Конгресот чиј почеток е закажан за 10  часот , во националната арена “Борис Трајковски”и каде ќе присуствуваат 900 делегати, и многу други гости, се очекува меѓу другото да биде разрешен досегашниот лидер Дојчин Цветановски,а на негово место да седне еден од двајцата кандидати: Јаким Неделков или Веле Ѓеорѓиески.


Кој ќе го наследи Дојчин во СОНК, Неделков или Ѓорѓиески

Синдикатот  на учители, професори и културни работници кој треба да зрачи со својата напредна и цврсто обединета борба за подобро живеење, замислете, како премолчено, како во илегала , без никаква најава, без ниту еден билборд  и без ниту една претходна јавна презентација на синдикалните барања за подобро  образование и подобар статус на просветарите, ќе заседава во “Борис Трајковски” со својот Петти Конгрес! Да не бев предложен и избран делегат од мојата СО  СОНК  или да не бев член на СОНК  ,  којзнае дали  и јас ќе знаев што ќе се случува денес, на 17 октомври 2010 година во Скопје?!

Се чудам на новинарската (не)љубопитност, па и на организаторите на Конгресот, како можеле вака да дозволат, да не го публикуваат и да го најават претходно овој значаен настан и овој јубилеен  Петти Конгрес кој треба да донесе одлуки со кои мора да се знае: Синдикатот треба и мора да се почитува, а уште повеќе  Законите и Колективните Договори склучени и потпишани од работодавците, од  Министерството за образование и од другите релевантни  државни јавни установи! Се чудам и само споредувам како би изгледала едан медуиумска најава за  еден ваков синдикален конгрес во Франција, Италија ,Грција или Хрватска и Словенија, на пример?! Сигурно топ-тема за насловни страници! Тие таму тоа го знаат и знааат да го почитуваат Синдикатот. Синдикатот треба и мора  да е силна поткрепа и движечка сила на работниците, на потчинетите, на угнетените, или на денес модерно наречени: мобираните и дискриминираните! И Синдикатот на СОНК треба и мора да застане на патот на прекршителите на Колективните Договори; да  застане цврсто во одбрана на достоинството на  просветните работници ; во одбрана на угледот и авторитетот на неговото височество Учителот без кој сите други занимања и звања би биле штури и некадарни!

За синдикалните активности и за ставовите на СОНК треба да се запознат сите, и не само просветните, туку и сета македонска јавност, и сета синдикална  интернационала , зашто успехот или неуспехот на синдикалците на СОНК е патоказ  и пример како  и колку можат да се организираат сите други во одбрана на своите права! Впрочем, Синдикатот и  нема друга поважна работа освен  неуморно и цврсто да се бори за заштита на работникот и неговите права ! Синдикатот има мисија и треба  да е  вечната опозиција  која  ќе биде конструктивен коректор  на власта  и нејзин буден надзор врз почитувањето на потпишаните Спогодби и Колективни Договори!

Ете, затоа, треба да им  се обрне  барем малку поголемо внимание , да им се отстапи барем малку повеќе време и поголем простор на синдикалните активности и на значајните собири  како што е Петтиот Конгрес на СОНК, од кој сигурен сум ние просветните работници и други наши колеги од јавните установи, ќе произлеземе пообединети и поцврсти како синдикат на просветни , културни и  научни работници чие достоинство ќе биде црвената линија преку која не смее да се гази. СОНК ЌЕ БИДЕ СИЛАТА НА НОВОТО ВРЕМЕ и секој кој е  работодавец и потписник на Закон  или Колективен Договор,  ќе мора да ги почитува до буква сите одредби од сите потпишани спогодби!
 
Зашто СОНК го сочинуваат близу 40 000 семејства или повеќе од  150 000 народ,  народ кој може да им  се случи секогаш на неисполнителните договарачи од Другата Страна!

Проф.Димче Донески,
претседател на СО СОНК при ОУ”Ванчо Николески”- Лескоец,Охрид