Првиот хотел во Русија кој во потполност ќе биде изграден од мраз треба да се отвори на 28 февруари во близина на вулканот на полуостровот Камчатка, објавија локалните медиуми. Првите гости во овој хотел се очекуваат веќе на 1 март, објави туристичката организација од овој регион. Портпаролот на локалната туристичка агенција вели дека хотелот во потполност ќе биде направен од снег, а се наоѓа на околу 70 километри од градот Петропавловск-Камчатски.
Во соопштението се наведува дека хотелот се состои од ескимски колиби кои можат да примат до осум лица и опремени се со посебни системи за одржување на внатрешната температура од три степени Целзиусови. Хотелот е потполно еколошки објект кој е уреден во стилот на староседелците на овој полуостров. Шефот на проектот Виталиј Лазо изјави дека објектите во потполност се сложуваат со пределите и единствената природа на Камчатка. Кога ќе дојде пролет, сите хотелски објекти ќе се истопат. Лазо додава и дека хотелот ќе работи до средината на мај, додека нов хотел, со поинаква големина и внатрешни карактеристики ќе се гради во 2017 година.