Планинскиот велосипедизам како спорт во Македонија зема се поголем замав. Она што пред неколку години го преземаа како активности неколкумина ентузијасти од државава, кои самоорганизирано крстосуваа по македонските планини полека се надминува.

Полека се создаваат првите организирани услови за развој на спортот.  В недела (29.06.2008) во с. Велестово, официјално ќе биде пуштена во употреба првата патека за планински велосипедизам. Церемонијата на свеченото отварање е закажана во 9.30 ч., и на неа ќе присуствуваат видни личности од јавниот живот на Македонија. Веднаш потоа со почеток во 10.00 ч. ќе стартува првиот рекреативен велосипедски маратон „Галичица 2008“ на кој ќе учествуваат над 50 велосипедисти од повеќе градови во Македонија. Маратонот е организиран од Националниот парк Галичица, Иницијативниот одбор на „Планинска велосипедска трка низ Македонија – Сончев Круг“ и Спортско велосипедско друштво „Енерџи“ – Скопје.


Се отвора првата патека за велосипедизам на Галичица

Голем потстрек во развојот на планинскиот велосипедизам, имаше минатогодишната презентација на предлог проектот „Планинска Велосипедска трка низ Македонија – Сончев Круг“ и двата одржани рекреативни велосипедски маратони „Шарски Води“ и „Јасен“, кои на македонската јавност и ги покажаа можностите кои ги поседува Македонија за негов развој, но и за збогатувањето на туристичката понуда и можностите за економски развој, особено на руралните подрачја.

Токму во таа насока вработените во Националниот парк Галичица, во април оваа година преземаа активности за трасирање на прва патека за планински велосипедизам во Македонија. Во подготовката со инструкции за правилна и комплетна имплементација на зацртаниот план им помогна СВД „Енерџи“ и проектот беше завршен во мај. Министерството за животна средина и просторно планирање ја поддржа реализацијата и ја одобри патеката која ги исполнува во целост стандардите за заштита на животната средина, информират од НП Галичица.

Вкупната должина на патеката изнесува 55 км. на потегот од Студенчишта до месноста Два Јавора. Ова е само прв дел од предвидениот парк за планински велосипедизам кој ќе се простира на падините на Галичица. Велосипедската патека НП галичица ја изгради со сопствени финансиски средства.

Организаторите на маратонот ги покануваат сите заинтересирани, да им се придружат во одбележувањето на овој настан и топло да ги поздрават учесниците на маратонот на стартот и при нивното пристигнување на целта.

Ohridnews