Младински Совет Охрид, како Волонтерска Инфо Точка, формира ЛОКАЛЕН ВОЛОНТЕРСКИ СЕРВИС. Сервисот е замислен како структура која ќе работи на развој и имплементација на квалитетен систем за волонтерски менаџмент и воедно ќе дава придонес за решавање на проблеми во локалната заедница со воспоставување рамнотежа помеѓу потребите и понудата на човечки ресурси- волонтери.
Проектот предвидува партнерска соработка со Волонтерскиот центар на Македонија кој го раководи Младински Културен Центар од Битола со уште 4 партнерски невладини организации од 4 градови во Македонија кои функционираат како локални канцеларии или Волонтерски инфо точки.
Проектните активности вклучуваат мобилизација на волонтери, развој на волонтерски позиции во јавните институции, невладините организации и државните органи, можности за обука на волонтери и вработени во институциите, кампањи за промоција на волонтерскиот сервис, практична имплементација на волонтерското искуство и слично.
Овие активности ќе придонесат за практична имплементација на Законот за волонтерство во Македонија што беше донесен на 2 јули 2007 година. Законот овозможува нови пристапи за организирано волонтирање и ги надминува поранешните состојби на непланско и неорганизирано волонтирање.
Волонтерскиот сервис ќе биде отворен за сите граѓани а со своето фукционирање ќе влијае на позитивниот развој на граѓанското општество и неговите вредности преку стимулирање на активно учество на младите луѓе и сите граѓани во решавањето на проблемите во локалните заедници преку активно волонтирање.
Проектот е поддржан од Амбасадата на САД во Република Македонија и Balkan Trust of Democracy.
Ohridnews