Повеќе склучени аранжмани на туристи од соседството биле откажани по последните случувања во земјата и терористичкиот напад во Куманово. На ова влијаат и препораките на министерствата за надворешни работи кои по случувањата во Куманово предупредија на претпазливост при патување во Македонија. Покрај соседните земји такви препораки објави и холандското МНР. Информацијата ја потврдуваат од Хотелската асоција на Македонија, од каде велат дека секое нерегуларно збиднување носи негативни последици.
-Се појавуваат некои откажувања, но не во преголема мера. Битно е дека летовите од земјите на Бенелукс на „Корендон“ и „Туи“ се одвиваат нормално без откажувања, додека откажувања на аранжмани во хотелите има од Србија и Хрватска, но тие не се значајни во однос на вкупниот број на ноќевања во овој период, така да не можеме да дадеме конкретен процент за колку се намалени ноќевањата.-изјави Крсте Блажески претседател на ХОТАМ.
Крсте Блажески
Блажески упати апел најавените протести во Македонија да бидат мирни, за да не се случи нешто непосакувано и неочекувано, бидејќи туризмот како гранка е исклучително чувствителен на случувањата во општеството. Тој посочува дека и конкуренцијата си го прави своето и ја користи и најмалата работа да ги одврати туристите од други дестинации.
-Самиот збор тероризам звучи загрижувачки и кој би сакал да оди во земја за која прочитал дека има тероризам, а уште и да има такви збиднувања.-рече Блажески.
Тој изрази надеж дека проблемите во државата ќе бидат надминати без поголеми последици врз туризмот и дека годинава ќе бидат остварени планираните резултати.
И угостителите информираат дека е почувствувано одредено намалување на странските туристи по случувањата во Куманово, а најмногу откажувања на договорени услуги имало од гости кои земјата ја посетуваат во рамки на таканаречените Балкански тури.
Г.М.