Џонатан Дуамел, пропаднат студент од Монтреал, победил на светското првенство во покер во Лас Вегас и освоил 6,5 милиони евра. Тој во финалето го победил Џон Рејснер од Флорида по 90 минути игра. Момчето, кое изјавило дека се чувствува како најсреќна личност на светот, е првиот канаѓанин кој победил во историјата на овој турнир.


Неговата мајка изјавила дека била многу загрижена кога на 19 години се откажал од факултетот за да се посвети на покерот. Натпреварувањето започнало на почетокот на оваа година, а се пријавиле вкупно 7319 натпреварувачи кои платиле по 6 илјади евра за учество. Финалето, на кое учествувале девет натпреварувачи, по 14 часа тешка игра завршило во неделата кога во игра останале само Џонатан и Џон. Обајцата своите кариери ги започнале играјќи покер на интернет.