Поради прераната смрт на градоначалникот на Општина Охрид, проф. д-р Јован Стојаноски, се откажува  традиционалното китење на подводната новогодишна елка, информираат клубот за подводни дејности „Охрид“ и нуркачкиот центар „Амфора“.

Донесовме заедничка одлука оваа година да не се одржи манифестацијата „Подводно китење на новогодишната елка“ поради ненадејната смрт на градоначалникот Јован Стојаноски, кој беше голем вљубеник на спортот, на градот Охрид и на Охридското Езеро, посебно залагајќи се за негово зачувување за идните генерации.

Д-р Горан Балевски – Клуб за подводни дејности „Охрид“
Милутин Секулоски – Нуркачки центар „Амфора“

Инаку, членовите на нуркачките клубови „Охрид“ и „Амфора“ во соработка со Сојузот за подводни активности на Македонија, ја китат подводната елка во Охридското Езеро веќе 16 години. Настанот тие го посветуваат на најмладите и лицата со ретки болести.

Претходно, од истите причини, локалната самоуправа ги откажа сите културно – забавни манифестации предвиден со проектот „Од 20 до 20 сите во Охрид“, додека најочекуваниот културно забавен настан во градот, сценскиот спектал „Зимска бајка“ што требаше да се одржи на 22 декември, сабота, е пролонгиран за 18 јануари 2019 година, ден пред најголемиот празник во Охрид, Богојавление Водици.

OhridNews