Во текот на вчерашниот последен ден од посетата на делегацијата од општина Охрид, предводена од градоначалникот Никола Бакрачески, во Израел продолжија поединечните работни средби со менаџери на компании од областа на туризмот, спортот и високата технологија.
Градоначалникот Бакрачески и раководителот на секторот за туризам се сретнаа со Шмуел Цурел, поранешниот Директор на Хотелската Асоцијација на Израел и Директор на маркетинг за странски држави при Министерството за Туризам на Израел, а сегашен Генерален Директор на S. Zurel компанија за тиристички маркетинг. Остварена е и средба со Ангел Вајнштајн, поранешен Директор на Оделот за странски држави на авио компанијата „ Ел Ал“ и генералниот менаџер на Воздухопловни услуги на Израел. На средбата се разговараше за организација на претстојната голема туристичка промоција на Охрид во Тел Авив која е планирано да се одржи во периодот пред почетокот на следната туристичка сезона. Воедно се разговараше и за посета на Охрид од страна на најголемите израелски туроператори на кои ќе им се презентира туристичкиот потенцијал на охридскиот регион како и можностите за соработка со домашните туристички работници.
Директорите на „ Билјанини Извори“ и „ Проаква“ имаа средби со претставници на компанијата „ Спидо” на кои се разговараше за можностите за влегување на овој гигант во организацијата и спонзорирањето на ”Охридскиот пливачки маратон”. Во разговорите беа опфатени и аспектите на менаџирање и одржување на базените при што беше направена посета на еден од најсовремените базени во Израел, лоциран во Нетања.
Делегацијата на Охрид оствари средба и со Рони Киршнер, директор на компанијата „ Сизар Вентурес“, на која беа разгледани најновите технологии и достигнувања во имплементација на интегративен софтвер за менаџирање со паркинг зони. Исто така остварена беше средба со сопственикот на „ Некст степ“ , на која се рзгледуваа можности за инвестиции и соработка во процесот на менаџирање со спортски објекти и фитнес центри.
OhridNews