Владата воведува три новини во мерката за субвенционирање на 14 500 денари плата за компаниите како поддршка за справување со последиците од пандемијата.

Министерката за финансии Нина Ангеловска на денешната прес-конференција објасни дека новините се во насока на зголемување на флексибилноста и олеснување на критериумите, како и зголемување на опфатот на фирмите кои можат да аплицираат за оваа мерка која е дел од првиот пакет антикризни мерки што ќе стартува во мај.

Трите промени се: дозволување флексибилност во намалување на бројот на вработените во фирмите што ќе аплицираат; комбинирање на две антикризни мерки за фирми од областа на угостителството, туризмот и транспортот; и промена во критериумите за тоа кој ќе ги враќа средствата од субвенционирање.

Првата новина се однесува на делот за намалување на вработените, (работникот сам да напушти или му истекува договорот), при што се олеснуваат условите за задржување на бројот на вработени, односно се дозволува тоа намалување да биде до 15 проценти кај малите и микрофирми, до 10 проценти кај средните и до 5 проценти кај големите претпријатија.

Втората новина е што се зголемува финансиската поддршка за три сектори – туризам, угостителство и транспорт. Оваа новина значи дека фирмите од овие три сектори ќе можат истовремено да користат субвенции од мерката 14 500 денари по работник и да ја комбинираат со другата мерка за субвенционирање до 50 отсто од придонесите за плата по работник. Тоа значи дека вкупната сума што некоја фирма од овие три сектори може да ја користи е 19 500 денари по работник.

Третата новина е во однос на тоа која компанија и под кои критериуми треба да ги врати овие средства од финансиската поддршка.

Компаниите што не оствариле добивка во 2020 година нема да ги враќаат средствата од финансиската поддршка, како што и првично беше предвидено. Промената е кај компаниите што ќе остварат добивка во 2020 и имаа обврска да вратат до 50 проценти од она што го оствариле. Тие сега со новината ја немаат таа обврска доколку истата сума што ја добиле како субвенција од државата ја вложат во својот процес и во вработените.

Услов е тоа да се здрави компании, да имаат остварено добивка во изминатите две години, да ги исплатиле обврските кој УЈП и да немаат доспеани ненаплатени кредити со рок од над 90 дена.

OhridNews