Владата на Република Македонија, по предлог на Министерството за транспорт и врски, донесе одлука за ограничување на пловидбата на одделни пловни објекти со моторен погон во Охридското Езеро, со цел спречување на неконтролиран риболов и заштита водите и рибниот фонд во езерото, а пред сé на автохтониот вид Охридска пастрмка.

Согласно Одлуката, се ограничува пловидбата на сите пловни објекти во сопственост на правни и физички лица во две одделни годишни сезони. Имено, истите не смеат да пловат во Охридското Езеро од 21.00 часот до 05.00 часот во периодот од 01. мај до 31. август секоја тековна година. Во временскиот период од 01. септември до 30. април се ограничува пловидбата на чамците во Охридското Езеро, со што забрането е пловење од 18.00 часот до 07.00 часот. За патнички бродови во текот на летниот период, од 10 јули до 20 август, забрането е пловење од 01.00 часот до 06.00 часот. Одлуката за ограничување на пловидбата на одделни пловни објекти со моторен погон во Охридското Езеро не се однесува на пловните објекти кои се во сопственост на Армијата на Република Македонија, Министерството за внатршни работи и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Ограничувањето на пловидбата во Охридското Езеро стапува во сила од денот на објавувањето на Одлуката во Службен весник на Република Македонија.

Ohridnews