Утринава испловија белите едра на Охридското Езеро. Втора година по ред  се одржа Едриличарската регата во класата оптимист, „Sail O’clock“ на плажата „Кај Дивоно“. Регатата беше во организација на „Културолошка иницијатива 5 до 12“ и едриличарскиот клуб „Пират“, а поддржана е од ЕК „Акватика Јахтинг“ Охрид, Едриличарска федерација на Македонија, Општина Охрид и Еуро Фарм.

На регатата учествуваа вкупно 15 учесници од клубови од Охрид и Струга. Првото место го освои Евгенија Ставрева, второто Андреја Кавај, а трето место беше Берк Љушо. Најдобар пласман кај девојките оствари Евгенија Ставрева, а  во категорија до 12 години најдобро се пласираше Андреја Кавај.

Градоначалникот Константин Георгиески им ги додели наградите на младите едриличари и посака да не се откажат од развивање на водните спортови во градот

Им честитам на најдобрите, на тие кои не освоија награда им посакувам повеќе среќа на наредната регата, а на организаторите ги охрабрувам да продолжат да работат напорно да организираат вакви убави настани, Општина Охрид како и секогаш ќе продолжи Да биде на нивна страна, на страна на спортот. Се надевам во иднина ќе можеме да издвојуваме повеќе средства за водните спортови, затоа што тоа е препознатливо за Охрид, истакна Георгиески.

Целта на оваа регата е поттикнување на најмладите да се насочат кон водните спортови.

Во годините наназад имаше многу повеќе водни спортови. Луѓето го негуваа  веслањето ,кајакарењето, едрењето,но некако замре таа слика. Сега малку можеби се враќа некоја бројка на заинтересирани, но не е задоволителна и нема толкав фокус на водните спортови,а сепак живееме во Охрид, и е штета да не се развива спортот па дури и да имаме светски претставник на вакви спортови“, изјави Јован Цветкоски од „Културолошка иницијатива 5 до 12“.

Регатата „Sail O’clock“  се одржа во рамки на алетрнативното клултурно лето на „Културолошка иницијатива 5 до 12“ кое трае до 26 август.

К.А.
Фото: Теодор Тасевски