Во Струга се одржа 45. Струшка музичка есен во органзиација на Сојуз на композиторите на Македонија.
Аналитичкиот пристап кон состојбите и перспективите во македонската музичка култура беше темата која отвора широк дијапазон за претставување на трудови и истражувања, кои сеопфатно и точно го отсликуваат третманот на современото македонско музичко творештво од сите можни аспекти, вели селекторот Мирјана Павловска-Шулајковска.
Неговата презентација на домашните и странските концертни подиуми согледани низ репертоарите на изведувачите, низ призмата на заштитата на авторските права, преку застапеноста на македонското музичко творештво во медиумите, како и начинот на нивното (соодветно професионално) претставување, поттикнуваат интерес за истражувања во овој домен на валоризацијата на македонското музичко творештво.
Посебно внимание упатуваме кон местото и улогата на македонските продуктивни уметници, стимулацијата и развојот на нашата композиторска мисла (согледани континуирано во изминатите години и особено во сегашниот период на пандемијата со Ковид-19), како и формите за нивно зачувување и афирмирање претставуваат актуелни елементи кои се надоврзуваат на веќе создаденото на нашата почва.
Токму и затоа, се осврнуваме и кон презентaција на истражувања поврзани со состојбите и перспективите во областа на заштитата на македонската музичка уметност како национално културно наследство: употребата на архивските и институционалните практики при обработката и зачувувањето на дејноста на авторите во сите области на музичката култура, согледувањата и перспективите за начините на чување на музичките оставнини на композиторите, формите и методите за реконструкција и зачувување на творештвото на музичките уметници, заштитата на музичкото културно наследство.
Во овој контекст посочената тема отвора прашања кои би резултирале и со нови истражувања во областа на медиевистиката, музикологијата, етномузикологијата, танцовата уметност, музичкото образование и педагогија, културната политика и улогата на медиумите во областа на македонското музичко творештво и култура, додава Павловска-Шулајковска.
OhridNews