Светскиот ден на Црвен крст и Црвена полумесечина, 8 мај, инициран во чест на раѓањето на основоположникот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст, Анри Динан, е денот кој не потсетува на потребата од намалување на човековите страдања, зачувување на човековото доистоинство, заштита на животот на луѓето, како и надминувње на последиците од вонредни состојби и природни катастрофи.

Неделата на Црвениот крст и Црвената полумесечина, 8-15 мај, оваа година Црвен крст Охрид ја одбележува во услови на пандемија од коронавирусот, во вонредна состојба организиран со голем број волонтери и вработени фокусирани и посветени во справување со последиците од ширење на вирусот КОВИД-19. Секојдневно тимовите на општинскиот Црвен крст, поддржани од бројни донатори и партнери, дистрибуираат хуманитарна помош на луѓето во социјален ризик, овозможувајќи и психосоцијална поддршка и сл.

Посебен акцент во одбележувањето на Денот на Црвениот крст и Црвената полумесечина оваа 2020 година, дава одбележувањето на големиот јубилеј 75 години постоење и хуманитарно делувањето на Црвен крст Охрид.

  • Во оваа прилика им го честитаме Светскиот ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина, како и 75-годишниот јубилеј на Црвен крст Охрид на безброј имени и безимени активисти, членови, волонтери, вработени, соработници, партнери, донатори на Црвен крст Охрид кои оставиле свои траги и дале свој придонес во растежот на нашата организација, велат од општинскиот Црвен крст.

Глобалната кампања на Меѓународната федерација на Црвен крст и Црвена полумесечина се одвива под мотото СИТЕ СМЕ ЦРВЕНИ. Согласно мерките и препораките во време на епидемија, денес, во 11 часот ќе биде положено свежо цвеќе пред бистата на Анри Динан во Охрид. На 14 мај, четврток, од 08:30-12:30 часот ќе се одржи Крводарителска акција во просториите на Службата за трансфузиона медицина при Општа болница Охрид.

OhridNews