23 Мај е Национален ден на Власите. Празникот оваа етничка заедница во Македонија, денеска, го одбележува со низа пригодни манифестации.
По повод Националниот ден на Власите, Градоначалникот Никола Бакрачески, упати честитка до Влашката заедница во Охрид, со искрени честитки, со желби за продолжување на соживотот и развојот на општествената заедница.
„Ви упатувам најискрени честитки по повод 23 Мај- Националниот ден на Власите и Ви посакам многу здравје, среќа, благосотојба и меѓусебно разбирање. Уверен сум дека ќе ја продолжите мисијата на негување на вековната традиција на влашката култура и идентитет, давајќи придонес во градењето соживот во нашата држава. На тој начин, со меѓусебно почитување и соработка, заеднички ќе дадеме придонес во развојот на Република Македонија и нејзиното целосно инкорпорирање во евроатланските интеграции. Низ вековите заедно сме се соочувале со многу предизвици, давајќи секој на свој начин придонес за иднината и успешниот и сеопшт напредок на Охрид и нашата татковина, Република Македонија.“– се вели во честитката на градоначалникот Никола Бакрачески по повод Денот на Власите во Република Македонија.
По повод празникот, честитка во име на Комисијата за одбележување на празници и манифестации и доделување награди и признанија при Советот на Општина Охрид, упати претседателот на комисијата Дејан Пановски.
„Влашката заедница во Охрид отсекогаш била посветена и лојална на својот град. Секогаш сплотена во заедништво со останатите заедници придонесувала за развојот на Охрид и за негова промоција како културно историска вредност низ светот, воедно внесувајќи се во економската изградба на градот и неговата иднина.
Охрид, чувствувајќи ја таа посветеност и присутност ги нарекол деловите од својата целовитост како Горна и Долна Влашка маала и со тоа таа нераскинлива врска започнала, постои и ќе постои. Влашкиот народ треба и понатаму со гордост да ги негува своите обичаи, фолклор, култура и јазик со што придонесува за културната разновидност во Градот и во Македонија, и за заедничката иднина. Впрочем, единствено Власите можат да кажат сами за себе кои се и што се, и никој друг не може да зборува во нивно име.
Нека ви е Честит 23 Мај – Националниот Ден на Власите!“– се вели во честитката на претседателот на Комисијата за одбележување празници и манифестации и доделување награди и признанија при Советот на Општина Охрид Дејан Пановски, по повод Националниот ден на Власите.
OhridNews