Со низа свечености Министерството за внатрешни работи денеска ќе го одбележи 7 Мај – Денот на македонската полиција. Централната свеченост ќе се одржи во Полицискиот центар „Ѓорче Петров “ во Скопје.
Денот на полицијата претставува симбол на пожртвуваноста, одговорноста, храброста, моралот – карактеристики што треба да ги развива секој поединец кој положил заклетва пред сината униформа, порачува министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во честитката до полициски службеници, вработени во МВР, по повод 7 Мај – Денот на полицијата.
Пожртвуваност, вели Спасовски во честитката, затоа што полициските службеници се обврзуваат да ги ставаат безбедноста и благосостојбата на другите пред сопствените, затоа што секогаш треба да се во првите редови за подобар, посигурен и побезбеден живот на сите граѓаните на РСМ, чувари на јавниот ред и мир и градењето на државата.
Особено во текот на изминатава година, ситуацијата дополнително беше комплицирана поради пандемијата со која се соочи светот, па должноста за заштита на здравјето, животот и имотот на нашите граѓани стана непроменлив указ за полициските службеници, порачува Спасовски.
Одговорност, нагласува Спасовски, затоа што во ваши раце се неселективната борба против криминалот и корупцијата и бескомпромисното владеење на законите.
Нашата заедничка цел е нулта толеранција за корупцијата, нулта толеранција за сите кои ќе го прекршат законот, без исклучок! А јас цврсто верувам дека нашата цел е на дофат на раката со воспоставување на концептот на партнерство помеѓу граѓаните и полицијата. Оваа меѓусебна врска ќе стане уште посилна со континуирано зајакнување системот на соработка со граѓаните, со цел идентификување, демистифицирање и спречување, односно превенирање на криминогените појави на кои не може да остане имун современиот свет, вели Спасовски во честитката по повод Денот на полицијата.
OhridNews