Во Куќата на Уранија, во организација на Архитектонскиот факултет при Универзитетот „ Св. Кирил и Методиј“ , Општина Охрид, Музејот на град Скопје и Македонската академија на науките и уметностите, денеска беше одбележан јубилејот „ 100 години од раѓањето на Борис Чипан“.

Пред присутните се обратија градоначалникот Јован Стојаноски, Академик Ганзафер Бајрам од МАНУ и Проф. д-р Огнен Марина, декан на  Архитектонскиот факултет при Универзитетот „ Св. Кирил и Методиј“ .

Во животот и творештвото на бардот на современата македонска архитектура Борис Чипан, родниот Охрид му бил и љубов и инспирација, зошто како што ќе рече „растев во еден град каде на секој чекор се сопнував на остатоците од историјата“. Тој инспиративен набој се среќава во  бројните студии, објави и публикации посветени на историјата и културното богатство на нашиот древен град, а посебно во неговиот огромен напор за конзевација на катедралниот храм „ Св. Софија“ , другите вековни светилишта, но и вредните објекти на охридската архитектура. Ретки се луѓето кои имаат знаење и носеле огромен професионален товар, да можат храбро, отворено и аргументирано, но во основа добронамерно, да ви укажат и на некои пропусти. Тоа, во повеќе наврати, во своето творештво го прави Борис Чипан во врска со присутните пред се урбанистички проблеми во градот кој е заштитен од страна на УНЕСКО. Изразувајќи огромна почит за се што Борис Чипан направил за родниот град, нам како генерација ни останува да ги имаме во вид неговите препораки и да реализираме барем дел од неговиот вечен сон за поубав Охрид- рече градоначалникот Јован Стојаноски.

Беседи за делото на Борис Чипан одржаа професорите Д-р Михаилчо Токарев, Д-р Михајло Волканов и  Д-р Мартин Гулески.

Во рамките на прославата вечерва со почеток во 20 часот во Куќата на Уранија ќе биде отворена  изложба на фотографии, скици и проекти на Борис Чипан кои се дел од поставката на Музејот на град Скопје.

OhridNews