Наскоро ќе биде донесен Законот за управување со светското културно и природно наследство во охридскиот регион,  кој треба да придонесе за поголема заштита на културно историското богатство и природните убавини на Охрид. Со законот, кој е во нацрт верзија се предвидува формирање Комисија за управување со природното и културно богатство на Охридскиот регион, како и изработка на план за управување со природното и  културно наследство, информираат од Канцеларијата на  Билатералниот Секретаријат за заштита на Охридското Езеро.

Со  овој закон строго се забрануваат дејствија кои можат да го нарушат природниот амбиент на Охридското Езеро, за што се предвидуваат и високи казни за прекршителите, вели државниот советник за води, Дејан Пановски.

Предвидени Забрани во согласност со Нацрт – Законот за Охридскиот регион:

 -Се забранува внесување на нови речни водотеци во Охридското Езеро

-Се забранува внесување на опасни и штетни материи

-Се забранува внесување на материи кои можат да предизвикаат морфолошки промени

– Се забранува внесување на непречистени отпадни води

– Се забранува испуштање нафта и масло од бродовите

– Се забранува поставување капацитети за одгледување риби во крајбрежието и во водите на Охридското Езеро

– Се забранува внесување на живи организми што не се автохтони

– Се забранува отстранување на трската од крајбрежните води

– Може да се донесе забрана за одделни видови пловни објекти

– Се забранува спроведување на проекти во кои се изведуваат градежни или други работи на крајбрежното земјиште

Казни:

500 евра – физичко лице

3.000 евра – правни лица

До 20.000 евра – за деградирање , отстранување на трска

Покрај имплементацијата на новиот закон за заштита на културното и природното наследство, фокусот на Канцеларијата на Билатералниот Секретерјат, во иднина ќе биде ставен и на  Закон за води, како и на обврските кои произлегуваат од Билатералниот македонско албански Договор за заштита на Охридското Езеро, ни изјави Паноски.

Со билатералниот договор се предвидува формирање на Совет на ниво на речен слив (ЦрноДримски) во период од една година, изготвување на План за управување со сливот со рок на важност од 6 години и изготвување на програма за управување на ниво на меѓународен слив.

 „Канцеларијата на Билатералниот секретаријат имајќи го пред себе неколкугодишното искуство во управување на ниво на слив ќе ги искористи ресурсите и механизмите за квалитетно одвивањена активностите во соработка со државните органи , локалните органи , научните и експертските работници , граѓанскиот сектор како и елементите на прекуграничната соработка за да се обезбеде квалитетна заштита и управување со Охридското Езеро и целокупниот Црно-дримски слив“, ни изјави Паноски. Тој вели дека токму обемните и мошне значајни проекти кои претстојат се една од главните прчини за негово враќање во Канцеларијата на  Билатералниот Секретаријат за заштита на Охридското Езеро. Тој во иднина ќе ја извршува функцијата државен советник за води. Се вратив не заради фотељи и функции туку заради сериозните активности што престојат за спроведување на Законот за Води и Билатералниот договор за заштита на езерото, вели Паноски.

Ohridnews