Од 3 јануари следната година во Македонија ќе може да се увезуваат употребувани возила не постари од четири години, предвидува новиот Правилник за пуштање на пазар и ставање во употреба на моторни возила, што го донесе Министерството за економија.
Во регулативата на која се темели Правилникот, не е стриктно наведена старосната граница, но со утврдените технички услови нема да може да се увезуваат постари возила од четири години. Досегашната старосна граница за употребувани возила е осум години.
Покрај старосната граница, новина со правилникот е што барањата за холомогација нема да ги разгледува Комисија при Министерството, а согласноста нема да ја дава министерот за економија. Оваа надлежност според Правилникот ќе ја преземе Комисијата во Бирото за метрологија.
Во прилозите на новиот Правилник се вградени порестриктивни регулативи од ЕУ и ООН за хомологација за овозможување на ист третман на употребувани нови возила кои треба да бидат стандардизирани, заради безбеден сообраќај.