Во 2009 година семејното насилство во Охрид бележи намалување за 17%, за разлика од најголемиот број општини во земјата каде тоа е во пораст. Според податоците на Министерството за внатрешни работи во 2009 година, на подрачјето на Р.Македонија се регистрирани 404 кривични дела извршени при семејно насилство, што претставува зголемување за 7% во однос на 2008 година, кога беа регистрирани 378  вакви кривични дела.

Според структурата на кривичните дела, како и вообичаено, најбројни се кривичните дела против животот и телото, при што овој период се регистрирани шест убиства извршени при семејно насилство, две на подрачје Охрид, и тоа првото извршено од страна на син во с.Слатино, кој со употреба на тврд предмет-камен ја усмртил својата мајка, додека второто извршено од брат, кој откако го убил братот, го масакрирал со секира. По едно убиство е извршено на подрачје на Струга, каде 48-годишен сторител, поради нерешени имотни спорови, со пиштол ја убил својата поранешна сопруга, потоа во Битола, каде по настаната расправија ќерка со нож ја убила својата мајка и во Тетово, дедо со секира го убил својот внук.

Во најголем дел извршители на делата семејно насилство се мажи, најчесто психички растроени или лица под дејство на алкохол, а во најголем број од случаите жртви се жени.

Г.М.