Владата на Република Македонија, на последната седница  што се одржа во саботата, донесе одлука за намалување на сумите за партиципација на високообразовните институции.

–  Во редовната квота сумата која што ќе треба да ја платат студентите ќе биде 200 евра годишно, а во квотата со самофинансирање највисоката сума ќе биде 400 евра, освен за оние факултети кои што доставија пониски цени за самофинансирање од тие што ги утврди Владата, истакна вчера на прес-конференција министерот за образование и наука Никола Тодоров.

Тој додаде дека сумата за студирање на дисперзираните студии во редовна државна квота  ќе изнесува 100 евра.

Тодоров посочи дека Министерството за образование и наука направило анализа за висината на партиципацијата која што ја плаќаат студентите во ЕУ и било констатирано дека во Македонија се плаќа една од највисоките партиципации во Европа и тоа било еден од клучните фактори за донесувањето на ваквата одлука на Владата.

Минатата академска година на универзитетите имаше 23.558 места за запишување на бруцоши, а оваа година квотите се зголемуваат и ќе има 26 илјади 881  слободно место.

OhridNews
извор: „Макфакс“