Владата да ја субвенционира минималната плата доколку се зголеми на 18 000 денари и да најде соодветна ставка да не плаќаат надомест за индустриска електрична енергија, бараат занаетчиите. Претседателот на Регионалната занаетчиска комора во Охрид, Сашо Богоески вели дека со самото зголемување на минималната нето плата, расте и бруто платата достигнувајќи некаде околу 26 000 денари. Тоа е висока сума и немаат месечен приход занаетчиите од оваа сума, за да можат да ги покријат и трошоците доколку би имале нето плата од 18 000 денари.
Затоа како Републичка комора бараме од Владата субвенционирање од 3000 денари на нето плата од 18 000 денари. Како потпретседател на Занаетчиската комора и претседател на Охридската занаетчиска комора од 2005 година бараме занаетчиите да бидат изземени од плаќање на индустриска струја. Ние не сме индустријалци. Овој пат бараме од Регулаторната комисија за енергетика и Владата да се определи посебна цена на струја за занаетчиите од 5,99 ден по киловат. Би било многу поприфатливо од цената сега на индустриската струја преку 10 денари, вели Богоески.
Занаетчиството е нископрофитабилна дејност што е и став на Министерството за економија од 2011 година. Секоја дополнителна давачка е проблем за занаетчиите. Дополнително последиците од кризата со пандемијата врз занаетчиството се големи, со оглед дека и во нормални услови тешко опстојуваме, вели Боегоески.
Занаетчиите се најпогодени во овие последни две години. Последиците допрва ќе доаѓаат. Ова е втора година каде што имаме повеќе одјавени од пријавени занаетчии во Регистраторот. Што е знак дека опаѓа бројот на занаетчии. Во моментов има околу 250 регистрирани занаетчии во Охрид. Во однос на добивање субвенциите уште пред три години имам подадено предлог закон за субвенционирање за занаетчии, потенцира Богоески.
Додава дека предлогот опфаќа ослободување од придонеси за плата и персонален данок од три години за сите занаетчии. Во тие барања е и ослободување од 50% на занаетчии кои имаат над 15 години работен стаж како знаетчии, целосно ослободување на занаетчии од плаќање на придонеси и персонален данок кои имаат преку 30 години работен стаж. Целосно ослободување од придонесеи на дефицитарни кадри. Овие се работи кои три години со ред наназад ги бараме и никако да ги добиеме. Од Владата ги разбираат нашите барања, но не се одлучуваат да повлечат некои поконкретни потези со кои занаетчиите би биле задоволни вели Богоески.
Н.С.Ј.