Бројот на првачиња во струшките основни училишта опаѓа. Само ова година запишани се 50-тина помалку од лани, покажуваат податоците на Општина Струга.

Според информацијата од општинската прес-служба заклучно со јуни во 12-те основни и 24-те подрачни училишта за учебната 2023/24 година запишани се 496 првачиња или 52 помалку од лани кога биле запишани 548 првачиња.

Бројот на првачиња со почетокот на учебната година може да варира, информира општинскатa прес-служба, посочувајќи дека сите основни и подрачни училишта на територија на Oпштина Струга се подготвени за стартот на учебната година.

Бројот на запишани првачиња континуирано опаѓал и претходните години, па така во 2020/2021 биле запишани 590, додека годината потоа 548 првачиња.

Причините за намалувања на бројката, како што посочија од Општина Струга, се иселувањето, намалениот наталитет и слично.

OhridNews