Наскоро Охрид ќе добие уште еден луксузен хотел на својата ривиера, најавуваат од Сахара Групацијата од каде велат дека првичните подготовки за реконструкција на хотелот “Славија” завршиле, а градежните работи ќе започнат до крајот на овој месец.

– Сахара Групацијата е посветена кон своите инвестиции во Република Македонија, иако не беше во можност да ги оствари своите заложби во земјоделскиот сектор. Моментално се фокусираме кон туризмот и угостителството. Сахара моментално е поддржана преку своите канцеларии и оперативност во Скопје и Охрид, каде тим од 10 луѓе работи и наскоро ќе започне со регрутација на повеќе лица за своите бизнис активности”, е наведено во официјалното соопштение од компанијата.

Од Сахара Групацијата велат дека веќе се ангажирани архитекти и дизајнери на ентериер, од Македонија, но и тим на дизајнери во Индија. Договорите со изведувачите се веќе подготвени и потпишани, а официјалниот старт на градежните зафати се очекува во наредните седмици, со цел хотелот да биде подготвен за следната туристичка сезона.

– Сахара во секој момент ќе започне со реновирање и реконструкција на хотелот кој беше купен во 2013 година. Проширувањето и реновирањето ќе биде изведено според планот на група архитекти и дизајнери на ентериер од Македонија, со поддршка на тимот за ентериер на Сахара од Мумбаи, Индија. Хотелот е дизајниран да биде првокласна туристичка дестинација, како и совршено место за светски конференции, корпоративни настани и венчавки”, изјави претставник на компанијата.

Синот на сопственикот, Субрата Рој, Сушанто Рој го посетил хотелот изминатово лето, со цел да го провери напредокот на подготовките за реновирање да се запознае со изведувачите.

OhridNews