Познати танчерски имиња од неколку странски земји ќе бидат дел од првото издание на „Ohrid Dance Festival“, кој од 12-ти до 14-ти септември 2014 година ќе се одржува во Охрид.
Организатори на овој дводневен настан кој има за цел да ја збогати културната и забавната програма на Охридската ривиера го организира танцовиот клуб „Dancers United MK“ од Скопје.
Според најавите фестивалот ќе обезбеди одлична забава за сите учесници, која ќе трае од раните утрински до доцните вечерни часови. Покрај одличната музика, танцот и забавите ќе биде организирана и обука за танц. Учесниците ќе може да ги научат танцовите чекори на Салса Кубана, Салса Руеда Де Казино, Бачата, Доминиканска Бачата, Бачатанго, Танго, Афрорумба, Зоук, Кизомба, Регетон, Ча-ча и уште многу други стилови.
Свое учество на фестивалот веќе го потврдиле докажани танчери и танц-инструктори како Арисон Лопез од Доминиканска Република, Хуан Де Диос Гала од Куба, Мустафа Ал-Асад од Кувајт, Ведран Марчета и Лејна Кариќ-Лубарда од Босна и Херцеговина, Иван Јовановиќ и Ивана Јовановиќ од Црна Гора, Сања Василевиќ од Србија, Нермин Кочан, Сара Кочан и Катерина Стојковска од Македонија.
Сите заинтересирани за учество на овој фестивал, повеќе информации можат да најдат на официјалната веб страница на „Dancers United MK“ .
OhridNews