Иако законски предизборната кампања започнува на 2 март, политичките партии и кандидатите за градоначалници ги започнаа своите активности.

Паралелно со „тивката“ кампања, проработеа и партиските кујни и заткулисните игри. Во јавноста во Охрид веќе неколку дена се плете приказната за наводната кавга помеѓу градоначалникот на Охрид Александар Петрески и директорот на ЈП „Охридски Комуналец“Боро Павлоски и двајцата кандидати за градоначалник на Охрид на претстојните избори.

Повикувајќи се на неофицијални информации, некои локални медиуми деновиве објавија информација дека се готви наводна смена на Павлоски од функцијата, вест која наголемо се врти и во чаршијата. Решение за разрешување на Павлоски од диреторското место во Комуналец нема, велат од  локалната самоуправа.

Павлоски досега јавно не ги искоментирал овие озборувања. Но, тоа не е единствената „топ тема“ во која се споменува името на кандидатот за градоначалник на ЛДП, Боро Павлоски. Исто така деновиве, во јавноста проструи информација дека тој бил физички нападнат. И самиот Павлоски во изјава за Ohridnews, изјави дека ја чул таквата „информација“, која тој ја демантира.  “Се работи за невкусни измислени муабети од кујните на противничките табори. Не е случајно што такви работи излегуваат сега од кога се кандидирав за градоначалник, но ништо од тоа не е вистина“, рече Павлоски

Случајно ли на јавноста и се пласира  „екслузивност“ која се темели на рекла казала извори или некој испраќа пробни балони? Што е вистина, а што шпекулации? Останува да видиме.

Ohridnews