За среќа и за доброто на иднината на Охрид како град на спортски генерации, на повидок е раѓањето на нови фудбалски мајстори од сегашните пионери родени 2000-та и 2001-та година.Нивниот ентузијазам, поддршката на нивните родители и љубовта кон спортот од страна на двајца сограѓани, фудбалски работници: Аце Велјаноски и Игор Настески, резултираа со создавање на две пионерски фудбалски екипи кои со голем успех ги бранат боите на својот град натпреварувајки се во Детската лига која на ниво на Македонија е организирана со хуманитарна цел-да се помогне на Домот на деца без родители „11-ти Октомври“ од Скопје.
– Во Детската фудбалска лига во која се натпреваруваат нашите две екипи фудбалери-полетарци „Еврофудбал 2000“ и „ Еврофудбал 2001“ , учествуваат околу 100 екипи од цела Република. Благодарни сме, во име на децата, на родителите, локалната самоуправа и АД „Галеб“ кои со својата помош овозможија да се поддржи хуманата акција за помагање преку спорт, а од друга страна да им овозможат на охридските пионери-фудбалски таленти да ја развиваат својата талентираност и љубов кон фудбалската топка – изјави Игор Настески, тренер на „Еврофудбал 2000“.
Како што информира вториот тренер, Аце Велјаноски, натпреварите се играат секоја сабота веќе три месеци. Охридските екипи имаат одиграно во своите категории по 8 натпревари и немаат претрпено ниту еден пораз.
Натпреварите во Детската фудбалска лига на Македонија ќе траат до Нова Година, а Охрид токму преку настапите на најмладите фудбалери може да се надева на враќање на фудбалската слава, ако веќе тоа за жал не може да се каже за сениорските екипи.