Новата источна трибина на стадионот на СРЦ Билјанини извори го добива комплетниот лик. Во тек се завршните активности. Денес увид на терен направија градоначалникот на општина Охрид Константин Георгиески и претседателот на ФФМ, Мухамед Сејдини.
Ова е голема придобивка за нашиот град, за развојот на спортот. Воедно, најавувам дека во наредните две години Охрид ќе добие уште една ваква идентична трибина повторно во соработка со општина Охрид и Фудбалската федерација. Општина Охрид континуирано ги подржува сите спортски клубови во градот и развојот на спортот со буџет од 27 милиони и 500 илјади денари, од кои 22 милиони се средства кои дирекно се слеваат во фудбалските клубови, додека 5,5 милиони се субвенции за фудбалските школи за непречено одвивање на тренинзите на стадионот Билјанини извори во Охрид, истакна Георгиески.
Капацитетот на новата трибина е 1480 седишта. Во нејзиниот централен дел е изведена вип ложа, коментаторска кабина и простор за камери. Согласно проектот, изведени се и сите внатрешни простории, кои се предвидени за вакви современи спортски објекти, истакна Георгиески.
Целта на нашата посета е одблиску да ги видиме активностите на источната трибина кои Фудбалската федерација заедно со општината ги започна пред година и пол рече Сејдини. Вкупната вредност на овој капитален проект изнесува 1,1 милион евра.
Во моментов сме во завршна фаза, активностите се интензивираат деновиве, бидејќи знаеме дека нашата млада репрезентација до 21 година на 7 септември ќе одигра натпревар на овој стадион. Со завршување на активностите наскоро СРЦ „Билјанини извори“ ќе добие нова трибина која ќе му даде лик на овој стадион. Ме радува фактот што актуелниот градоначалник на општина Охрид, Георгиески, максимално дава поддршка на сите клубови за да се стимулираат сите спортови во општината. Тоа се прави само со цел младината да спортува, да не се бават со лоши работи, додаде Сејдини.
Трибината се гради заеднички во соработка на Фудбалската федерација на Македонија и општина Охрид со поддршка на УЕФА.
Н.С.Ј
фото. А. Момироска