Изградбата на новиот покрив на последното крило од општата болница во Охрид започна. Остатоците од стариот покрив кој беше уништен во големото невреме што во понеделникот го зафати Охрид веќе се отстранети, просторот е расчистен и започнаа работите на новиот покрив, изјави за Ohridnews, директорот на Општата болница – Охрид, Љубен Арнаудов.


остатоците од стариот покрив

Изградбата на новиот покрив започна

Работите ги изведува фирмата „Прототип“ од Скопје, а се очекува тие да траат подолг период. „Не би можел да кажам колку точно ќе трае изградбата на новиот покрив, бидејќи тоа зависи од многу фактори“, вели Арнаудов. Нема да се брза премногу зошто најважно е работите да се завршат квалитетно за да не ни се повтори ваква несреќа во иднина, додава Арнаудов. Тој не информираше дека сите надлежни институции се максимално ангажирани покривот на општата болница во Охрид да биде саниран во најкраток можен рок, а интензивиран е и надзорот на работите.


Постои максимална ангажираност-Љубен Арнаудов

Покрај покривот, во невремето уништени се и делови од таванот, две одделенија на најгорниот кат, медицинска опрема и надворешните еркондишни, при што вкупната матерјална штета се проценува на 50-70.000 евра, вели директорот на општата болница. Тој информираше дека матерјалните добра кои претрпеа штети во невремето се осигурани и брзо ќе бидат санирани.


Непрекинато се работи на санација на покривот

Голем проблем во моментов претставува неработењето на операционите сали во гинекологија, хирургија и другите одделенија во третиот блок кои времено се затворени од санитарната инспекција. Арнаудов очекува овие одделенија да проработат со полн капацитет од понеделник кога се очекува инспекторите повторно да ја посетат охридската болница.

Горан Момироски