Компанијата „Нестле“ гради, во чест на 150 години од постоењето, комплекс кој ќе содржи три историски објекти, првобитната фабрика, вилата во која некогаш била сместена компанијата, како и метална конструкција на некогашниот Булонжери. Тој импозантен комплекс ќе се наоѓа на улицата Боске во швајцарскиот град Веве, каде основачот на компанијата Анри Нестле во 1866 започнал со производство. Оваа корпорација за производство на различни видови прехрамбени производи, според швајцарските медиуми, планира до 2016 година, кога ќе прослави 150 години од постоењето, да ги обнови старите објекти и во нивното окружување да изгради центар со пратечки содржини.

Во комплексот ќе биде вклучен и простор за анимација на децата, изложбен простор, ресторан, кино за проекција на филмови за основањето на компанијата и нејзиниот развој, сала за конференции и бутик. На два ката од обновената фабрика ќе биде сместена архивата на компанијата, за која денес работат 283 илјади лица ширум светот. Главна атракција на комплексот ќе биде космос, во чиј состав ќе се наоѓаат седум тематски павиљони кои посетителите низ подземни ходници ќе ги водат во откривање на „Нестле“ универзумот.