Деновиве се финализираат подготовките на Програмата за седмото издание на Фестивалот на француски филм, кој од 18 до 22 јуни 2014 година ќе се одржува во Скопје и во Охрид.

Според првичните најави, свеченото отворање ќе се одржи во киното „Милениум“ во Скопје, со проекција на филмот „Ке Д’Орсе“, на режисерот Бертран Таверние.

Написите во француските медиуми говорат дека ова филмско остварување, минатата година постигнало огромен успех во Франција.

На 19 јуни филмската програма ќе продолжи во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид, а на 20-ти јуни фестивалот повторно ќе се врати во Скопје, каде што ќе се одржи и свеченото затворање на манифестацијата.

И оваа година, фестивалот ќе ги понуди најновите филмови, кои го привлекле вниманието на филмската критика и ги полнеле кино-салите во Франција. Во рамки на фестивалската програма ќе бидат прикажани филмовите  „Ив Сен-Лоран“ од Жалил Леспер, „Венера во крзно“ од Роман Полански, „Љубовта е совршено злосторство“ на Жан-Мари Ларје, „2 есени, 3 зими“ од Себастјен Бедбеде како и многу други остварувања.

Како и изминатите шест изданија и овогодинешното издание на оваа престижна филмска манифестација, има за цел да го промовира францускиот филм во регионот на Балканот и да им овозможи на гледачите да погледнат избор од најдобрите и најнови француски филмови.

OhridNews