Доктори специјализанти од Охридско-струшкиот регион ќе бидат вработени во Општата болница Охрид со цел надминување на проблемот со недостиг на лекари.

Како што информираше директорот на Општата болница, Горан Маркоски станува збор за анестезиолог, радиолог, инфектолог, педијатар и двајца гинеколози кои треба да придонесат за поефикасни услуги за пациентите.

Благодарение на проектот на Владата и Министерството за вработување на приватни специјализанти Конкурсот заврши, чекаме нивно тестирање со што за нецели две недели во оваа установа ќе се вработат седум специјализанти од различен тек на едукација во однос на специјализацијата. Исто така, се екипираме за летната сезона и со ангажирање на доктори специјалисти и од околните болници со цел да ги дочекаме туристите со полна снага, вели Маркоски.

Изминативе денови во Болницата беше набавена и нова медицинска опрема на Одделението за патологија и Одделот за офтолмологија, а според најавите опремувањето на одделенијата ќе продолжи и во следниот период.

Н.С.Ј.