СРЦ Билјанини извори

Од 07.09.2021 - 16:00

Младите репрезентации до 21 година на Македонија и Србија, во вторник, 7 септември, ќе ги одмерат силите на стадионот „Билјанини извори“ во Охрид, во рамки на септемврискиот квалификациски циклус за пласман на Европското првенство 2023 година, што ќе се игра во Романија и Грузија. Натпреварот е од голема важност не само за младата фудбалска репрезентација, туку и за градот, бидејќи за прв пат  во Охрид  ќе се игра квалификациски натпревар за играчи до 21 година. Мечот почнува во 16:00 часот.

За овој натпревар целосно е подготвена и новата источна трибина на стадионот на СРЦ „Билјанини извори“. Утре за прв пат од оваа трибина гледачите ќе навиваат за македонската репрезентација вели директорката на ЈП „Билјанини извори“ Гордана Јованоска.

Теренот е комплетно подготвен за утрешниот натпревар, во моментов се работи на завршни активности околу внатрешните делови, односно се подготвуваат соблекувалните и делот за допинг контрола кои ќе бидат завршени на време, вели директорката  Јованоска.

Вкупниот капацитет на новата трибина е 1480 седишта, во централниот дел е изведена вип ложа, коментаторска кабина и простор за камери. Согласно проектот, изведени се и сите внатрешни простории, кои се предвидени за вакви современи спортски објекти.

Утрешниот натпревар ќе се одигра според мерките и протоколите утврдени за заштита од коронавирусот и протоколот на УЕФА за присуство на гледачи. Присуство на натпреварот е дозволено единствено со приложување на сертификат за примена вакцина најмалку една доза против Ковид-19 или сертификат за прележан Ковид-19 во последните 45 дена сметајќи од денот на оздравувањето. Оваа одлука не се однесува на лица под 18 годишна возраст.

Билетот за натпреварот според одлуката на ФФМ чини 150 денари.

Избраниците на Драги Канатларовски ги започнаа квалификациите со пораз во Ле Ман од Франција. Топ фаворитот во нашата квалификациска група славеше со 3:0. За потсетување, Канатларовски се соочува со проблеми поради отсуството на Марио Младеновски (Ботев Пловдив), Адриан Хајдари (Рапид Виена) и Димитар Тодоровски (Работнички). Тројцата поради позитивен Ковид-19 тест ќе го пропуштат и овој воведен натпревар од квалификациите за ЕП 2023.

К.А.