Лутите езерски ривали Охрид и Струга утре по втор пат оваа сезона ќе ги одмерат силите во  машката ракометна Супер лига на Македонија. Средбата од 16 коло, ќе се игра во салата „Билјанини извори“ во Охрид со почеток во  19 часот.

Без оглед на моменталната состојба на табелата, на која Охрид е во врвот и извесно е дека ќе игра во плејофот, а Струга во борбата за опстанок, Езерското дерби секогаш има посебен шмек, дотолку повеќе што се очекува поголема шанса да добијат младите надежи на двата тима. Средбата, и покрај првичните најави на ГРК „Охрид“,  ќе се игра без присуство на публика.

Натпреварот со Струга секогаш буди посебни емоции, било тоа да се во помлади категории или пак сениорскиот погон, вели талентираниот бек на охриѓани Мартин Иваноски.

Мислам дека во сите категории од пионери до сениори ривалството помеѓу Охрид и Струга е исто. Нормално е дека во сениорската конкуренција сите сакаат да го гледаат ова дерби. – рече Иваноски.

Ривалот на паузата од првенството се засили на одредени позиции со поискусни играчи. Струга е тим за респект но ние нема во никој случај да ги потцениме и бодовите ќе останат кај нас, најавува Иваноски. Тој имаше добра минутажа во дерби средбата со Бутел, која Охрид ја загуби во Скопје, за што жали, но сега, како што рече, сите мисли се насочени кон утрешниот меч со соседна Струга.

Новајлијата Филип Николов вели дека Охрид е добра екипа со одлични играчи, и дека е прифатен во клубот од сите. Додава дека ќе направи се за да му помогне на Охрид до крајот на регуларниот дел од првенството, а потоа и во плејофот, да оствари што подобри резултати.

Знам за какво ривалство се работи,  но подготвени сме да дадеме максимум за победа. – истакна Николов.

Во првиот дел од сезоната Охрид на гости ја совлада Струга со 28:10. Лидер на табелата во Супер лигата е Металург, а Охрид е на второто место.

Г.М.