Охрид претстојниот викенд ќе биде домаќин на силен меѓународен кошаркарски турнир „Трофеј Охрид 2013“, што се одржува во организација на ЈП „Билјанини извори“ и локалната самоупава, во насока на развој на спортот и продолжување на туристичката сезона.

-Всушност ова претставува продолжување на традицијата што ја имаше Охрид до пред 3 децении. Овој викенд во спортската сала Билјанини извори ќе гледаме врвна кошарка. Ова е најголемиот кошаркарски собир во нашата земја оваа година и убеден сум дека во иднина турнирот ќе расте, а учесниците задоволни ќе се вратат дома и ќе бидат идни наши лобисти.-изјави директорот на ЈП „Билјанини извори“ Иван Цветкоски.

За турнирот спортската сала Билјанини извори е специјално подготвена, разубавена и модернизирана, со цел „Трофеј Охрид 2013“ да биде организиран на највисоко ниво.

Секретарот на локалната самоуправа, Димитар Спасески, истакна дека на кошаркарскиот турнир „Охрид трофеј“ настапуваат едни од најквалитетните екипи на Балканот. Тој од име на градот ги покани охриѓани да ги проследат натпреварите од турнирот, кој ќе стане традиционален.

Се надевам дека охриѓани и гостите кои викендов ќе престојуваат во нашиот град ќе уживаат во кошаркарските мајстории, а гледајќи ја одличната организација и силината на клубовите кои учествуваат на овој турнир убеден сум дека ќе гледаме одлични натпревари.-рече Сапасески. 

Капитенот на Лукоил Академик од Софија, Бугарија, Тенчо Банев, истакна дека турнирот во Охрид ќе биде одлична можност за проверка на степенот на подготовка на екипите пред стартот на сезоната во која три од четирите учесници на „Трофеј Охрид“ ќе настапуваат во Евро купот, второ по ранг натпреварување во Европа.

Тренерот на Лукоил Оливер Костиќ, изрази благодарност за одличната организација и условите за тренинг во Охрид.

-Ние сме во период на подготовки и се уште не сме комплетни, а овој турнир е извонредна можност да видиме до каде се нашите можности во моментов, изјави Костиќ.

И тренерот на МЗТ Скопје, Вукоиќиќ, истакна дека турнирот во Охрид ќе биде добра можност за воигрување на екипата.

-Ние се комплетиравме во понеделникот и за прв пат на располагање ќе ги имам сите кошаркари, така што ќе биде добро да се види како ќе функционираме на теренот.-рече Вукоиќиќ.

Репрезентативецот на Македонија, Дамјан Стојаноски, изрази благодарност до организаторот за идејата и поканата на турнирот.

-Ќе биде ова добра можност да ја проверима нашата моментална форма и ќе се потрудиме во што подобро светло да се прикажеме пред македонската јавност.-рече Стојаноски.

Турнирот започнува утре во 18 часот со средбата Раднички Крагувац(Срб.) – Лукоил Академик (Буг.), а во 21 часот се среќаваат македонскиот првак МЗТ Скопје Аеродром и Металац од Ваљево. Борбата за трето место е во сабота во 18 часот, а финалето е закажано за 21 часот. Натпреварите директно ќе ги пренесува Македонската телевизија, предвиден е и интернет стриминг, а за збиднувањата и резултатите љубителите на кошарката редовно ќе бидат информирани во спортската рубрика на OhridNews кој е медиумкси покровител на турнирот.

Г.М.