Големата сала на центарот за култура Григор Прличев ќе биде целосно исполнета за спектаклот на годината во Охрид. Билети за културно-забавниот хепенинг повеќе нема. Тие што успеаја навреме да резервираат места, ќе уживаат во двочасовното шоу со музиката на Емилија Маринова, Драган Василески (Камелеон), Горан Папаз, Роберт Милески, Јане Тодороски и Филип Стојкоски Зизи, како и во креативниот хумор на извонредниот стендап комичар Никола Тодороски.
-Пред големото шоу Зимска Бајка 2016 се чувствувам прекрасно, чувство кое стана реткост во последно време во државава. Повторно ја имам честа на домашен терен да се обидам да ја засмеам охридската публика. Мило ми е што после изборните турболенции големата сала на Центарот за Култура повторно ќе биде исполнета, овој пат на настан за каков што е наменета, културен настан кој ќе стави точка на оваа бурна година. Јас лично едвај чекам шоуто да започне. – изјави Никола Тодороски.
Зимската бајка и годинава ќе понуди прекрасен сценски амбиент за што се погрижија Лабино саунд и цвеќара „Бела дизајн“, која изработува креативни декорации за свечени поводи. За светлото и звукот се погрижи повторно Лабино саунд.
Зимска бајка ја поддржаа ресторан „Park Lake Side“, „Жито леб“, винарија Тиквеш, бутици „Емили“, бензинска пумпа „Моби Петрол“, „Мега продукција“ и фото Емилио, а главен медиумски покровител е OhridNews.
И оваа година на Зимската бајка ќе има хуманитарно катче. Црвениот крст организира хуманитарна продажба на сувенири, а цвеќарата „Бела дизајн“ во соработка со Mary’s Cookies-Охрид, ќе постави хуманитарен штанд за помош на охриѓанката Јана Арсоска, која се лекува од тешка болест.
Зимската бајка почнува во 20 часот.
OhridNews