Се е подготвено за да започне најновото, јубилејно издание на фестивалот „ Охридско лето“, изјави директорката на националната установа Охридско лето, Елизабета Јанкуловска која денес оствари работна средба со пратениците од Охрид во Собранието на Република Македонија, Александар Николовски и Сашо Василевски кои беа информирани за текот на подготовките и програмата .
– Сцената Долни Сарај е подготвена, освежена. Исто така и Античкиот театар, некои ситни декорации се завршуваат и од утре се очекуваат екипите за да се направат техничките подготовки за свеченото отварање во недела, на 12- ти јули, на Антички театар од 21 часот со сценската кантата „Кармина Бурана“ и шпанската продукција „Ла фуера дел баус“ , Македонската опера и балет и Македонската филхармонија. Јубилејното издание не обрзува сите , сета подготовка се реализира токму со поддршката што ја имаме од министерството за култура, претседателот Иванов, пратениците и локалната самоуправа и градоначалникот кои помогнаа во уредувањето на сиот простор за да се претставиме како добри домаќини и организатори на 55- то издание, рече Јанкуловска.
Пратеникот Николовски искажа задоволство што годинава фестивалот може да се пофали со исклучително богата програма и познати уметници од целиот свет.
– Традиција е на неколку денови пред отварањето да оствариме средба со директорката и да поразговараме за програмата и случувањата во текот на фестивалските денови, да се види како ние можеме да помогнеме, како пратеници, да се испоромовира фестивалот. Искажувам во таа насока и задоволство што „ Охридско лето“ конечно функционира во едни простории кои го заслужуваат имиџот и реномето на фестивалот и се пријатно катче за работа на вработените и за сите уметници кои доаѓаат. „ Охридско лето“ стана најголем бренд на културата на Македонија и извозник на убави и позитивни вести во време кога не секогаш од овие простори излегуваат убави вести. Охридско лето е светла точка и во таа насока е подршката која се дава секоја година, нагласи Николовски.
Пратеникот Василевски истакна дека кога станува збор за посветен и креативен тим, секогаш има и успеси.
– Тоа може да се види и годинава, 55- то отварање на фестивалот ќе биде повторно спектакуларно, имаме врвни уметници од целиот свет, 40 дена убави настани, претстави ширење на културата и позитивна енергија која Охрид и „ Охридско лето“ ќе ја дадат. Ние не сме тука во протоколарна посета, нашата соработка е преку целата година и преку лобирање во парламентот . Ако пред неколку години разговаравме за лошите економски резултати и загуби денес , минатата година, а се надевам и наредните години ќе разговараме за убавите планови „ Охридско лето“ да биде препознатлив бренд во целиот свет, рече Василевски.
Годинава на „ Охридско Лето“ ќе настапат низа познати имиња меѓу кои пијанистот Иво Погорелиќ, Стефан Миленковиќ, гитаристот Карамазов, како и бројни познати театри од целиот свет.
OhridNews