Охридските матуранти, заедно со своите врсници од другите градови во земјава и уште околу 23.000 матуранти од земјите од поранешна Југославија, Унгарија и Австрија ќе влезат во “Гинисовата книга на рекорди“. Тие матурата ќе ја прослават со матурска парада што ќе почне утре на пладне на градскиот плоштад, на која ќе го играат “Танцот на Квадрил“ од Штраус.
Охрид прв ја доби чесета да земе учество во овој голем и извонредно значаен проект, вели Митре Велјаноски советник за образование во локалната самоуправа. Според него одбележувањето на матурата на ваков начин претставува почеток на една нова традиција која треба да не доближи до европоските цивилизациски вредности.
Охрид е подготвен за матурската парада
Матурантите од 34 европски градови ќе играат истовремено на музика која ќе биде преземена преку сателит од Националното радио Словенија, парадата ќе трае 8 минути.
Организаторите на охридската парада велат дека техничките подготовки се завршени и дека се е подготвено за спектаклот на градскиот плоштад.
дел од учесниците во парадата
Матурантите од Охрид интензивно се подготвуваа за несекојдневниот подвиг под водство на кореографот Никола Петкуќески. Иако одржавме 6 од 20 предвидени проби, матрурантите се подготвени за танцот, вели Петкуќески. Во подготовката на парадата учествуваа и професори по физичко образование од средните училишта.
Матурантите чувствуваат возбуда пред утрешниот настап но како што ни изјави Маја Новиќиќ, ученик во средното угостителско училиште, тие се подготвени достоинствено да го презентираат Охрид. Атмосферата е добра, се надевам дека се ќе мине во најдобар ред и дека во иднина матуркста парада ќе биде уште подобра, рече Маја.
Матурантите утре во 9:30 ч. во средното угостителско училиште, ќе добијат соодветни маици и чадори со кои ќе настапат на парадата и ќе бидат евидентирани. Тоа ќе се направи за да се знае точниот број на учесници поради амбициите да биде соборен Гинисовиот рекорд.
Организаторите ги повикуваат граѓаните на Охрид да дојдат утре на пладне на градскиот плоштад и да учествуваат во големиот спектакл. Тие појаснуваат дека покрај парадата матурантите и годинава завршувањето на средното училиште ќе го одбележат на традиционалниот начин. Вечерва први ќе прослават 170 матуранти од ЕМУЦ Св. Наум Охридски.
Г. Момироски