В недела со почеток во 10 часот градот Охрид благодарение на спортскиот настан „Охрид трчаТ“ ќе биде македонски епицентар на дружењето, забавата и трчањето. Атлетскиот викенд „Охрид трчаТ“ втора година по ред ќе се трча низ улиците на Охрид, а организаторите на средбата со медиумите изјавија дека се е подготвено за најголемата спортска манифестација оваа година.

– Најпрво сакам да ја изразам мојата благодарност и почит кон организаторите на овој спортско рекреативен настан „Охрид трчаТ“. Горди и среќни треба да бидеме што она кое започна минатата година оваа може да се каже дека претставува веќе традиција. „Охрид трчаТ“ има подлога за уште повеќе и јас, а и сите други ќе бидат среќни ако настанот се организира децении. Бројката која надмина 1000 учесници претставува импозантен факт и докажува на каква манифестација ќе бидеме домаќини. На организаторите на овој настан им посакувам уште многу спортски збиднувања со ваков карактер, а на охриѓани и на гостите кои нема активно да учествуваат да излезат на улиците и да ги бодрат учесниците. – изјави градоначалникот Јован Стојаноски.

Директорот на трката, Иван Цветкоски ги сумираше поминатите настани кои го  најавија овој кој ќе се случи викендов. – Нашата визија со „Охрид трчаТ“ е долгорочна и се надевам дека нашите поколенија ќе продолжат да ја негуваат. Не секогаш е финансиската поддршка  значајна, колку моралната и логистичката која ние ја добиваме од целиот град почнувајќи од Општина Охрид, јавните претпријатија од градот, медиумите и луѓето кои значат голем мотив за мене и целиот тим на „Охрид трчаТ“. Во изминатиов месец дена „Охрид трчаТ“ изобилуваше со настани. Започнавме со трката со претставниците од СВР Охрид и медиумите, продолживме со ноќната и училишната трка, в сабота со почеток во 11 часот ќе се одржи детската трка, а во недела завршуваме со главниот настан кој ќе започне во 10 часот.

Тој информираше дека експото односно подигнувањето на пакетите ќе биде в сабота од 10 до 20 часот на градскиот плоштад.

„Охрид трчаТ“ со вкупно 56 тим билдинг екипи, 760 учесници на 5 километри и 280 учесници на 10 километри ја надмина границата од 1000 учесници, а за пофалба се и 160-те волонтери од сите возрасти.

– Бројката на учесници е за почит не само во наши услови туку и пошироко со оглед дека Охрид трчаТ се одржува втора година по ред. Минатата година на првото издание имавме 430 учесници, а оваа година ја надминавме границата од 1000, што значи дека растеме од година во година. Исто така ме радува бројката на волонтери, бидејќи без нивната помош не може да има ваков настан. Искрено се надевам дека овие волонтери во иднина ќе бидат темел на некој спортски настан во Охрид. – додаде Цветкоски.

На средбата со медиумите околу сообраќајниот режим се обрати Антонио Додевски. Тој истакна дека сите граѓани кои ќе се држат до молбите на организаторите ќе учествуваат најмногу во успешноста на настанот.

– Сообраќајниот режим е составен дел од манифестацијата и во име на целокупната организација ги замолувам за разбирање и пред се` за трпение на денот на настанот. Ќе имаме одреден дел на затворање на улиците во централното градско подрајче максимум два часа и апелирам граѓаните од овој реон да се воздржат од користење на моторните возило за што поголема безбедност за учесниците. Мерката на безбедност е најголема и најзначајна во оценувањето на нашиот настан и затоа уште еднаш ги замолувам граѓаните да се воздржат, да бидат трпеливи и со тоа да придонесат за вметнување на Охрид на светската атлетска мапа. Исто така да инфомирмираме дека сообраќајот околу градскиот плоштад ќе биде затворен од сабота во 20 часот до завршувањето на главниот настан в недела. – изјави Антонио Доневски околу техничкиот дел.

Помеѓу познатите личности ќе трчаат американскиот амбасадор во Македонија Џес Бејли, амбасадорот на Европската Унија Самуел Жбогар, пријавени се министрите во владата Филипче, Манчевски и Тевдовски, македонската атлетска елита, поранешната балканска шампионка Оливера Јевтиќ, специјални гости од полумаратоните во Дубровник, Мостар, културно уметнички ѕвезди, новинари и други. Настанот ќе биде пренесуван во живо на официјалниот ју тјуб канал, а линкот ќе биде поставен на Ohrid News и на фејсбук профилот на „Охрид трчаТ“.

Мх.П.