Градот Охрид, Пливачката федерација на Македонија (ПФМ), Светската пливачка федерација (ФИНА), маратонците и техничките работи се подготвени што наговестува екстравагатно 29-то издание на Охридскиот пливачки маратон кој е претпоследен во овогодинешната гран при серија.
– Охрид како град е фантастичен, патеката е супер и подготвена, а маратонците од тоа што можев да ги видам се мотивирани. Ни преставува големо задоволство што можеме токму овде да бидеме престаници од ФИНА. – рече Џон Хексли.
Втора година по ред Општината Охрид е дел од организацијата на Охридскиот пливачки маратон кој преставува најголема спортска манифестација во нашата Република.
– Голема е одговорноста да се биде дел од Маратон кој е препознатлив симбол за Охрид, а пред се да се организира техничкиот дел. Во соработката со ПФМ имаме високи оценки за минатогодишниот маратон што ни преставува мотив повеќе за овој и следните маратони во иднина. Во име на сите охриѓани им посакувам многу среќа на маратонците мирно езеро и нека победи најдобриот. – изјави секретарот на Општината Охрид, Димитар Спасески.
Еден од двата адути на Македонија, Евгениј Поп-Ацев очекува силна и неизвесна трка иако бројот на натпреварувачи е помал во споредба со минатите години.
– Охридскиот маратон е приказна за себе и неслучајно е еден од поомилените на неколку врвни маратонци во светот. Тоа доволно кажува колку сериозно се пристапува кон маратонот. Имав некои одредени здраствени проблеми поради збиениот распоред, но до в сабота се ќе биде во ред и со сите сили ќе се борам за првата позиција. – рече популарниот „Генчо“.
Овогодинешното издание на маратонот ќе добие нови победници во машка и женска конкуренција. Минатогодишните лаурети Брајан Рикеман (Белгија) и Силвија Рибарова (Чешка) воопшто не се пријавија и нема да го бранат првото место на пиедесталот освоено на 28-то издание.
– Учеството на десеткилометарската трка и пред Олимписката година си го направи своето. Сите пливачи на некој начин се чуваат за учеството на Олимпијадата следната година која сите знаеме е врв на еден спортски пат. Сепак, маратонот воопшто не е ослабен тука се најдобрите четири рангирани пливачи и четирите македонски маратонци и се надевам не незаборавна трка. – додаде Јанe Карајованов, одговорниот за техничкиот дел на трката.
Покрај искусните Томи Стефаноски и Евгениј Поп-Ацев под македонското знаме на стартот во Свети Наум во 12 часот ќе се појават Александар Илиевски и Александар Панчевски.
Покровител на трката е Претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, а наградниот фонд изнесува 10 000 американски долари.
Михаил Постоловски