Пливачката федерација на Македонија (ПФМ), Агенцијата за спорт и млади, градот Охрид и охридскиот Сојуз на спортови се подготвени за јубилејното 30-то издание на Охридскиот пливачки маратон кој во сабота ќе се одржи во водите од Охридското езеро.

– Како и секоја година така и оваа градот Охрид заедно со Пливачката федерација на Македонија и Агенцијата за спорт и млади активно се вклучува во организација на една од најпознатите и најстарите спортски манифестации во нашата земја, Охридскиот пливачки маратон. Јубилејното 30-то издание нас како град Охрид не обврзува да бидеме безпрекорни организиратори и домаќини секако. За таа цел Општина Охрид ги ангажираше сите можни институции кои што се надлежни за организација на една ваква манифестација со светски карактер. Од се срце на пливачите им посакувам мирно езеро, добро здравје и среќа в сабота. – рече градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески.

Агенцијата за млади и спорт со 400 000 денари го финансисираше Охридскиот пливачки маратон кој и оваа година традиционално е под капата на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.

– Ми преставува чест и задоволство што годинава одбележуваме голем јубилеј на маратонот кој според мене е најтрадиционална манифестација во Македонија.  Маратонот има оставено траен белег во спортот затоа Агенцијата за млади и спорт во континуитет е негов покровител и финансиски подржувач. Сите заедно години наназад покажавме и докажавме дека можеме да бидеме врвни организатори на маратонот и затоа верувам дека во екот на Олимписките игри градот Охрид ќе го привлечеме вниманието на целата спортска, а пред се пливачка јавност.  – потенцираше директорот на Агенцијата за спорт и млади, Марјан Спасески.

Охридскиот пливачки маратон е еден трите годинава кои се одржуваат во Гран при серијата од ФИНА. Патеката „Климе Савин“ долга 30 километри ќе ја пливаат 18 пливачи, а не 17 како што беше најавено претходно. – Нас како Пливачка федерација на Македонија ни е многу полесно кога соработуваме со структури какви што се Општината Охрид на чело со градоначалникот Никола Бакрачески и Агенцијата за спорт и млади. За жал јубилејниот 30-то маратон се погоди биде во Олимписка година, каде што повеќето пливачи настапуваат на десеткилометарските трки. Малиот број на учесници за разлика од минатите години не го намалува квалитетот и нашата обврска за организирање на добар маратон. Годинава, фаворит е нашиот Евгениј Поп Ацев во кој верувам дека ќе го повтори минатогодишниот успех кога победи пред останатите конкуренти. – додаде Јане Карајованов.

На градското пристаниште каде што е финишот од маратонот настап во живо ќе има групата „Ансамбл Јуниор“. Стартот на маратонот е во Св. Наум со почеток во 12 часот.

Мх.П.