На 2 август традиционално по 38.пат во водите на Охридското езеро ќе се одржи Илинденскиот пливачки маратон. Стартот на „малиот маратон“ долг 2.5 километри е пред Хотелот Парк во 10 часот и 30 минути, додека финишот е на Градското пристаниште.
Натпреварувачите на Илинденскиот пливачки маратон се поделени во две возрасни категории од 10 до 16 години и од 16 години и постари. Годинава покрај маратонците од нашата земја на стартот ќе се појават пливачи од Бугарија и Полска. Рамо до рамо со учесниците ќе пливаат три дечиња од Здружение на граѓани за лица со дисфункции, хендикеп, ретки болести и посебни потреби “Дајте ни крилја” од Скопје.
– Подготовките се во завршна фаза, останаа некои финеси кои до крајот на овој ден ќе ги решиме. Вкупно 60 натпреварувачи се пријавени за учество на Илинденскиот маратон кој се одржува на 2 август. Сите заинтересирани можат да се пријават уште денеска, најдоцна до вечерва. Стартните броеви ќе се делат еден час пред почетокот на трката, затоа сите натпреварувачи треба да бидат точни и на време. – рече првиот човек на Пливачкиот клуб „Охридски бранови“, Кочо Паскали.
Организираторот има посебни безбедносни мерки околу маратонот, а здравјето на мартонците будно ќе биде следено од Црвениот крст-Охрид.
– За регуларонста на патеката ќе се грижат девет судии, кои ќе бидат распоредени во три тима и ќе го набљудуваат текот на целата трка. Едниот тим ќе тргне со првата група, вториот со втората група, додека третиот ќе биде мобилен. Целта на трката ќе се снима од неколку агли и ќе се искористи ако е потребен фотофиниш. За здравјето на учесниците пред, во текот и на крајот од маратонот ќе се грижат три екипи од Црвен Крст од Охрид. – изјави Јоне Станкоски.
Тој апелираше до чамците кои ќе бидат пратители да ги слушаат и почитуваат правилата кои ќе им бидат презентирани . – Преземањето на пливачите од чамците оваа година ќе започне од една посебна бова која ќе биде видливо поставена 400 метри од стартот на трката. Ова го зборуваме со цел да овозможиме „чиста“ трка за маратонците и да избегнеме некоја несакана ситуација во текот на пливањето.
Осумкратниот победник на маратонот, Александар Маленко истакна дека Илендинскиот маратон ќе биде генарална проба и најава за Олимпискиот маратон на 10 километри кој ќе се одржи на 12 август.
Специјални гости на „малиот маратон“ ќе бидат директорот на Агенцијата за спорт и млади, Дарко Каевски и првиот човек на Македонскиот олимписки комитет (МОК), Васил Тупурковски. Првиот маратон е одржан далечната 1954 година со вкупно сум пливачи, а рекордерот го држи Маленко (26.03.15) поставен 1997 година.
Мх.П.