Претпладнево во просториите на Општина Охрид се одржа технички состанок на кој организаторот на учесниците им ги соопшти деталите за 35 Охридски пливачки маратон, кој ќе се одржи утре, 10 септември.

Кочо Паскали претседател на ПК „Охридски бранови 2008“ – технички организатор на трката, истакна дека од стартот до целта патеката е комплетно подготвена.

Организирани се речиси четириесет пловни објекти, ќе има и судиски катамарани, како и пловила на Црвениот крст кои ќе се грижат за безбедноста и лекарски екипи. Се е подготвено за трката. Со оглед на временските прогнози и најавата за ветар, некаде околу 11-12 часот, чиј интензитет сепак не се очекува да биде голем, а пливачите тогаш веќе би биле некаде на половина на патеката, имаме мала измена. Бовите кои беа на Канео, за да не пливаат на крај на трката контра ветар, се отстранети, така што од Куба Либре ќе се плива директно кон целта на кејот, а должината од 25 километри ќе биде запазена. – објасни Паскали.

Поради временските услови можно е и мало поместување на стартот, инаку најавен во 10 часот.

Денот е краток, септември месец сме и малку времето е непредвидливо. Оваа година видовме какви се временските прилики и не може никој да предвиди какво време ќе имаме во сабота. Стартот е предвиден во 10 часот, но бидејќи пливачите пред девет ќе бидат во Св. Наум, па доколку постојат услови и се подготвени, би го поместиле стартот за половина час порано во 9.30 часот,  да искористиме од денот и да избегнеме дел од ветрот кој би се појавил попладнето, додава Паскали.

Во однос на проблемите со кои се соочи маратонот, пред се од финансиска природа, а кои ја доведоа во прашање децениската традиција,  Паскали вели дека можеби ова беше и добра прилика маратонот да се врати дома.

Охриѓани кога ќе ги фати малку инает ќе  направат се што треба и работите ќе си дојдат на свое. Годинава одбележуваме деведесет години од формирање на ПК „Охридски бранови“, 60-години јубилеј маратонско пливање, а  Охридскиот маратон си дојде дома. Градоначлникот имаше доблест и ги викна на маса сите, од Пливачка федерација, Кабинет на претседателот, сите, да се надминат проблемите и дефинитвно да се прекинат тие работи кои години наназад се провлекувале. Тоа што си имаат Федерацијата, Кабинетот, Агенцијата за млади – тие нека си ги решаваат работите. Охридскиот маратон е охридска приказна и таа приказна треба да си остане охридска, а секој добронамерник е добредојден и може да помогне и ќе биде тука присутен. Тоа е и целта, мислам дека годинава се случи пресвртница со една „обична“ изјава за блокирана сметка на Федерацијата со што се отвори приказната. Општина Охрид излезе во пресрет на манифестацијата, а јас не бев скептик околу целата оваа работа и не се плашев зошто ние како клуб сме технички подготвени за два дена да поставиме се, бидејќи целата опрема со која располагаме, се што имаме е наше, на клубот, не зависиме од никого дали ќе ни даде некој или не топка, друг реквизит или слично, вели Паскали.

Целата приказна оваа година, потенцира Паскали, се прави за осум пливачи, но за овој маратон во вода и на копно ќе работат околу сто луѓе.

Не е ова манифестација да се пуштат кајчињата и тие да пливаат. Сепак е работа која си сака студиозно, стабилно, темелно да се направи, сепак правиме трка со која сакаме да се пофалиме. И ако годинава работите кои што течат, се завршат до крај со исплата на наградниот фонд, со покривање на трошоците итн., како и сите пропратни работи за пливачите, за нас ќе биде добра реклама, зошто некој ќе се врати одовде и ќе рече дека бил во Охрид, се им било покриено, средено. Уште еден плус за нас е и тоа што ФИНА на вакви натпревари не им го плаќа патот на натпреварувачит, а ние годинава се покриваме, додава Паскали.

Се е подготвено за Охридскиот маратон вели Кочо Паскали од ПК „Охридски бранови“. Фото: Перчо Паунче.

Оваа година на маратонот ќе пливаат осум натпреварувачи од пет земји: Франческо Гетини од Италија, аргентинците Матијас Диаз Хернандез и Рита Ванеса Гарсија која е единствен женски натпреварувач, Арне Фурлан Шутлар од Словенија, Сидрит Деску и Арион Будима од Косово и македонските пливачи Александар Илиевски и Евгениј Поп Ацев.

Наградниот фонд изнесува 10 000 долари, а го обезбеди Агенцијата за млади и спорт. Сите трошоци околу организацијата на манифестацијата ги покрива Општина Охрид од сопствени средства и со поддршка на спонзори и помагатели.

Во рамки на настаните кои го пратат 35 издание на Охридскиот пливачки маратон, денеска во Центарот за култура “Григор Прличев“ за учениците од основните средни училишта од градот беше поставена изложба на фотографии од маратонот од Државниот архив и беше прикажан документарниот филм „Охридските пливачки легенди“ од Љупчо Паункоски.

Охридскиот пливачки маратон ќе се одржи утре, стартот е во Св. Наум, додека целта е на кејот во Охрид. Ќе се плива на патеката „Климе Савин долга 25 километри.

Г.М/Н.С.Ј.