В сабота на пладне на патеката „Климе Савин“ ќе се одржи дваесетиосмииот Охридски пливачки маратон на кој ќе настапат 22 пливачи од 14 земји.

Историска шанса на маратонот во Охрид има најискусниот македонски пливач Томи Стефаноски кој со победа ќе ја осигура титулата во Светската гранд при серија.

– Свесен сум за мојата шанса и ќе направам се за да ја искористам. Сакам само да ме послужи здравјето и среќата бидејќи тоа не се може во пливањето. Секогаш кога пливам во Охрид сакам да победувам бидејќи овој маратон ми е најдраг од сите досега кои сум имал можност да ги искусам – рече Стефаноски.

Од оваа година голема улога во организацијата има и Општината Охрид, а градоначалникот Никола Бакрачески потенцираше дека ова е почеток на долгата соработка.

– Охридскиот пливачки маратон е најголем амбасадор на нашиот град затоа ние веднаш ја прифативме поканата од Пливачката федерација на Македонија за соработка. Општината заедно со јавните претпријатија несебично го поддржува маратоно и играат сериозна улога во организацијата – додаде Бакрачески.


Охридскиот пливачки маратон е претпоследна трката во Светската гранд при серија затоа сите очи ќе бидат в перени во судиите кои ќе имаат и тоа како тешка задача.

– Мило ми е што повторно се враќам тука во Охрид. Маратонот во Охрид е класичен, но секогаш нуди невообичаени завршници што го прави доста интересен. Им посакувам многу среќа на пливачите и мирно езеро – порача делегатот на ФИНА, Џон Вест.

Наградниот фонд изнесува 10 000 долари, а покровител е Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.

Мх.П.