Убеден сум дека македонската репрезентација ќе се претстави во најдобро издание на плеј оф натпреварите од Лигата на Нации и ќе го обезбеди пласманот на Европското првенство следната година. Тоа ќе биде најголема награда за сите нас, но и исполнување на фудбалските соништа, – рече претседателот Мухамед Сејдини на Редовното генерално собрание кое се одржа во Скопје.

Претседателот Сејдини додаде дека пандемијата со коронавирусот и целокупната ситуација било нешто ново и необично за сите спортски работници во нашата земја и пошироко.

Свесни сме дека актуелната здравствена криза и ширењето на пандемијата на Ковид-19 предизвика нешто што никогаш не е видено во историјата на фудбалот и спортот воопшто. Загрижени сме за здравјето на фудбалерите, навивачите, фудбалските работници и сите кои се поврзани со нашата игра. Ова е ситуација која што никој не можеше да ја предвиди, но со неа мораме заеднички да се носиме. Пристапот ни е максимално одговорен, но нималку едноставен. Затоа од се срце ви благодарам што заеднички минуваме низ овој тежок период, свесни дека во оваа криза само со извонредно координирани напори можеме да си помогнеме и да се обидеме да ја опоравиме клучната фудбалска вредност, а тоа се натпреварувањата. Без единство и без солидароност никој нема да може да излезе од оваа ситуација, знаејќи дека сите сме меѓусебно зависни едни од други. Откажувањата или одложувањата на натпреварите секогаш се најнепопуларна мерка, но во нашата ситуација друга можност, немаше. – истакна Сејдини.

Првиот човек на ФФМ потврди дека Првата лига ќе брои 12 екипи, прв пат после една деценија. Во елитата се враќаат Пелистер и Беласица.

Сметаме дека со враќањето на два големи фудбалски центри, Битола со Пелистер и Струмица со Беласица, во секое коло ќе имаме дерби натпревар, а се надевам дека и младите фудбалери добро ќе се развиваат. Фудбалската федерација на Македонија секогаш ќе биде сервис на клубовите и целосна поддршка кога се во прашање фудбалските работи. Но, мораме да ги почитуваме пред сѐ правилата за лиценцирање и критериумите за стадионите. Искрено, се надевам дека македонскиот клупски фудбал со поддршка од ФФМ само ќе се доближува до европските стандарди. – потенцираше Сејдини.

ФФМ со поддршка од УЕФА и ФИФА најави продокжување на стратегијата за развивање на фудбалот и фудбалската иднина.

OhridNews