Еден хектар земјоделско земјиште во Охрид и 4 хектари земјоделско земјиште во Струга се понудени во рамки на Јавниот оглас за давање под закуп на државно земјоделско земјиште за површини до 3 хектари, кој вчера го објави Министерството за замјоделство, шумарство и водостопанство.

Закупот на земјиштето е во траење од 15 до 70 години во зависност од активноста и од земјоделската култура која ќе се одгледува. Почетната цена по хектар се утврдува во зависност од местоположбата и од катастарската класа на парцелата и изнесува од 5 до 25 евра.

Право на учество на огласот имаа домашни и странски, правни и физички лица кои немаат склучен договор за закуп за државно земјиште со Министерството за земјоделство. Физичките лица треба да се регистрирани вршители на земјоделска дејност или запишани во единствениот регистар на земјоделски стопанства или да се трговец поединец на кои земјоделското производство или преработката на примарни земјоделски производи да им е претежна дејност.

Образецот за учество на јавниот оглас, може да се подигне во Министерството за земјоделство, подрачните единици и од веб страната на Министерството. Понудите се поднесуваат до Генерален секретаријат на Владата на Република Македонија до 29 септември 2015 година.

Инаку како што соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во рамки на овој Јавен оглас се даваат под закуп и земјоделски парцели во уште 28 други општини и региони во Македонија.

OhridNews